Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ
ТОПЛИ ПРЕПОРАКИ:
Медицинските власти топло препорачуваат: штом носот ви тече, штом почнете да кивате, да поткашлувате, главата да ве боли, да чувствувате замор и сл., веднаш да се јавите кај лекар (може и матичен), бидејќи само така, со совесно и одговорно однесување (одговорноста се однесува единствено на граѓаните!) можете да го спречите ширењето на пандемијата.
Меѓутоа, во исто време, медицинските власти топло ве замолуваат штом почувствувате дека носот ви тече, дека кивате, дека поткашлувате, дека главата ве боли, дека чувствувате замор и сл., да не се јавувате веднаш на лекар, бидејќи само така, со совесно и одговорно однесување, можете да му помогнете на преоптеретеното (крахираното?) здравство.
Според мене, најдобро би било истовремено да ги користите двете мерки – ем веднаш да отидете на лекар, ем никако (ни за жива глава) да отидете на лекар.
П.С. Кој не полуди, ќе има што да раскажува. Единствено ќе нема кому да раскажува, бидејќи лудите и така ништо не разбираат. Ме разбирате?
П.П.С. Во меѓувреме, со сета сила се движат закочените процеси кон ЕУ. Разбирате? Не!? И јас. Ама, така тврдат.