Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ЖДАНОВИЗАЦИЈА. Андреј Жданов, по кого е именуван идеолошко-цензорскиот феномен ждановизам, бил интересно човече. Жданов бил своевиден советски пандан на нацистот Гебелс. Близок до Сталин, негова животна, би можело да се рече дури и божествена задача била да контролира кој како мисли/твори и за што мисли/твори. Во прво време се контролирала само уметноста. Потоа, и секоја област од творештвото/создавањето, вклучувајќи ја и науката. Особено општествената. Во уметноста требало да дојде до израз т.н. социјалистички реализам, познат и како соц-реализам. Според оваа доктрина секој уметник/творец трабало советската стварност, како и „социјализмот“ воопшто, да ги глорифицира и прикажува во што е можно поубава светлина, за да не се случи (не дај Боже!) моралот на советскиот човек да клапне и да дојде до сеопшта депресија меѓу граѓаните. Непослушните творци (значи оние кои не постапувале според директивите на Жданов и Партијата) биле казнувани, дури и апсени, додека послушните биле штедро наградувани. На тој начин, целото општество било заразено со неумерена агитација и пропаганда. Скратено, агит-проп! По извесно време, советската стварност била толку многу разубавувана, што соц-реализмот, како официјална доктрина на СССР, преминал во соц-иделизам, т.е. во социјалистички идеализам, во кој не можело ништо да се препознае од правата, вистинската стварност. Илузијата станала стварност, стварноста илузија.

Денес, во времето кога се наметнува проектот за северизација на Македонија, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска излезе со упатства како би требало да се пишува/твори. Што значи, како да не се пишува. Уметноста не би требало да ја вознемирува јавноста, туку да создава оптимистички, ведри чувства. Или, како што самата изјави: „Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката.“ Значи, на уметниците им се дозволува слободно да творат, но (sic!) само ако… Размислила ли министерката каква е таа слобода на која ѝ се поставуваат граници, меѓи, услови, упатства? Дали некогаш чула за Жданов, како и за неговата доктрина не ми е познато, ниту тоа ме интересира. Сепак, она за кое се залага е отворен ждановизам, повторно појавен/повампирен скоро век после смртта на Жданов.

Ако и преку ова се помине, ако јавноста (уметничка, научна, граѓанска…) на време не прогледа/се опули или соодветно не рагира (што е, во основа, исто) секое накнадно опулување/освестување ќе биде задоцнето, како што се и голем број на сегашни реакции/опулувања, кои наместо да се појавеа навреме, се јавуваат накнадно – post factum. На тој начин, слободата и Македонија, исто така, можат да станат post factum феномени.