На територијата на државава во текот на вчерашниот ден имало 20 пожари на отворено, од кои 10 се уште се активни.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека еден од најтешките пожари за гаснење е пожарот кој се движи на граница помеѓу Светиниколско и Пробиштипско, односно во селото Орел.
-Еден од најтешкиот за гаснење е овој активен пожар позади мене кој што веќе се движи на граница помеѓу светиниколско и пробиштипско. Тоа е пожарот кој во суштина почна во понеделникот во селото Орел и кружи цело време. Успеавме многу од неговите краци да ги стопираме, но оваа линија е многу долга. Цел ден дејствуваме овде со еден армиски хеликоптер и српски хеликоптер, но за жал ефектите се мали. Бидејќи овој оган се движи кон две релативно стари и напуштени села од страна на локалното население изработени се т.н. ПП појаси односно изорани појаси кои би требало да го спречат огнот да не префрли кон селата доколку дојде кон нив. За жал, ветрот којшто дува, кој одвреме-навреме е многу силен, дополнително ја отежнува борбата со овој пожар, вели Ангелов.
Ги повика сите граѓани кои планираат овој продолжен викенд да го поминат во своите викендици во некои од викенд населбите или планинските села, да бидат исклучително внимателни.
-Доколку знаат дека во нивна близина има пожар, на подрачјето на коешто се наоѓаат нивните викендици, апелирам до нив, да не одат до своите викендици или да отидат само да изработат противпожарни појаси или викендици или куќи коишто ги користат за одмор. Состојбата е сериозна, иако веќе воспоставивме делумна контрола врз пожарите некои пожари се уште може да бидат опасни и да загрозат некои стари села или некои викенд населби, иако наша прва цел е одбрана на викенд населбите и селата, рече Ангелов.
Претходно, Ангелов соопшти дека пристигната е меѓународна помош обезбедена преку ЕУ механизмот на цивилна заштита.
-Пристигнати се еден хеликоптер од Србија и еден хеликоптер од Чешка, вели Ангелов.
Тој додаде дека во текот на денешниот ден се очекува да пристигне помош од уште неколку земји – еден хеликоптер од Словенија, два „ер трактори“ од Шведска, два „ер трактори“ од Германија, како и тим од Унгарија составен од 46 лица со 13 возила меѓу кои и специјални теренски противпожарни возила.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Ангелов завчера преку видео изјава соопшти дека повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.
Фото: МИА Архива