– Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал, вели во изјава за МИА суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, против кој денеска Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Хајрухали вели дека е чудно што јавната обвинителка Татјана Кацарова не ги прифатила за сведоци вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, кои, како што рече, се од голема важност бидејќи биле присутни на секој одржан состанок, а за сведок била прифатена јавната обвинителка Фатиме Фетаи која сведочела во овој предмет, иако, нагласи, никогаш не присуствувала на ниту еден од состаноците со вработените.

– Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал.  Доказ за тоа се изјавите на другите вработени кои што доброволно се пријавија и секој од нив достави име, презиме и адреса, со цел да бидат повикани од страна на јавниот обвинител Татјана Кацарова и истите да ја прикажат реалната состојба во Вишото јавно обвинителство, а не конструкциите направени од обвинителката Фатиме Фетаи и нејзината дружина кои што се наводно оштетени од моја страна. Чудно е како овој јавен обвинител односно Татјана Кацарова не ги прифати како сведоци вработените од Вишото јавно обвинителство Скопје кои што и тоа како се од голема важност, бидејќи истите тие биле присутни при секој одржан состанок од моја страна како виш јавен обвинител со вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, а била прифатена Фатиме Фетаи како сведок и истата сведочела во овој предмет, иако никогаш ама баш никогаш не присуствувала на ниту еден состанок со вработените, вели Хајрулахи.

Според него, ваквото поднесено обвинение од страна на ОЈО Штип доаѓа откако тој во гостување на поткаст пред неколку дена обзнанил дека МВР има поднесено кривична пријава против двајцата поранешни јавни обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.

– Зошто се прави денеска и зошто баш во овој период е повеќе од јасно, бидејќи пред неколку дена на еден поткаст обзнанив дека против двајца поранешни јавни обвинители од СЈО, односно против Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, од страна на МВР е поднесена кривична пријава по истите наводи како што беше случајот со „Рекет 1“, сега ова е крстено како „Рекет 2“. Сакајќи да го пренасочат вниманието и јавноста да не се заинтересира за случувањата во тогашното СЈО, а по однос на предметот „Рекет 2“, Јавното обвинителство сега после два месеци излегува со соопштение за поднесеното обвинение, рече Хајрулахи.

Обвинението, додаде, е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, којшто, според Хајрулахи, заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи, петте вработени во Вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на овој начин сака да ги заштити обвинетите во предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“.

– Замислете после два месеци Јавното обвинителство излегува по однос на обвинението иако сѐ уште обвинението лебди и не се знае физички каде се наоѓа, дали во Основниот суд Штип, дали во Врховен суд или во Основен суд Скопје. Интенцијата е јасна, а тоа е да си ја спасат својата кожа т.е. да се спасат од „Бонусите во СЈО“, да се пренасочи вниманието, односно последните случувања во Јавното обвинителство каде што Лиле Стефанова и Бурим Ристеми се осомничени за кривично дело како што беше во случајот „Рекет 1“. Исто така, Љупчо Коцевски да биде во сенка од последните скандали кои што одекнаа по однос на прислушкувањето каде што тој е главен чинител на тоа прислушкување, бидејќи само тој бил задолжен за посебните истражни мерки и дека со негов потпис се реализирала секоја мерка, нагласи Хајрулахи.

Од ОЈО Штип денеска соопштија дека е поднесено обвинение против Хајрлулахи затоа што во периодот од септември 2023 година до 24.10.2024 година, како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата опфатена со чл.25 ст.1 од Законот за јавното обвинителство, во текот на работното време, се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при ЈОРСМ во јуни годинава донесе одлука дека Хајрулахи  и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.