Суспендираниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, за МИА вели дека ниту бил повикан, ниту бил запознаен дека се води постапка против него во ОЈО Штип и дека денешното обвинение, како што тврди, е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација “дека постои предмет Рекет 2 по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од СЈО“.

Според Цветановски, обвинението од соопштението на ОЈО Штип е пресликано од одлуката на дисциплинската Комисија при ЈОРСМ за негова суспензија за сторени тешки поврди во четири предмети, со тоа што е додаден и предметот за бонусите во СЈО.

-Знаев дека има некое обвинение од 28.07.2025 година, а тоа обвинение е пресликано од Одлуката што ја донесе дисциплинската Комисија, со тоа што е ставен плус и предметот за бонусите во СЈО. Јас не сум смеел да донесам одлука во однос на жалбата, иако надлежност на јавниот обвинител е да донесе одлука по секоја жалба, бидејќи се работи за кривично дело во кое што е дополнително оштетен Буџетот, а до ЈОРСМ е доставен писмен предлог да направат надзор над работењето за тој предмет кој што надзор до денеска ниту е почнат, ниту е донесена одлука. Така што, моето решение е единствено во однос на таа правна ситуација во којашто ОЈО ГОКК донеле незаконита одлука, а со која е оштетен Буџетот на РМ. Обвининето денеска е во таа насока да се направи дополнителен пристисок, особено во јавноста. Но, јас се надевам дека судење ќе има, каде конечно ќе можам во своја одбрана, бидејќи досега не ми била дадена таква можност, да го отворам целиот процес за сите овие предмет, во кои главна алка се обвиненија од страна на СЈО поднесени без докази. Јавноста ќе има доволен аргутмент сама да процени на кој начин Обвинителството работи, изјави Цветановски.

Прашан дали бил повикан во ОЈО Штип за исказ, Цвенатновски вели дека „ниту бил повикан, ниту бил запознаен дека се водела постапка против него“, посочувајќи дека формално правно ова е обвинение што не е во правна сили, а дали ќе биде не се знае, за што ќе треба да одлучи Судот.

-Обвиниението ниту е во правна сила. ОЈО Штип го поднело до Основниот суд Штип, кој се огласил за ненадлежен и се уште трае процедурата кој суд ќе биде надлежен, што значи дека обвинетите не се запознаени за ова обвинение. Формално правно ова е обвинение што не е во правна сили и дали ќе биде не се знае, сепак треба судот да одлучи. Денешното соопштение е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација дека постои предмет Рекет 2 по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од поранешното СЈО, од кои што Стефанова го правеше надзорот врз мојата работа на предмети на СЈО и наводно таа утврдила злоупотреба, која што сега е предмети и на тоа обвинение, нагласува Цветановски.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип, денеска преку соопштение до медиумите информираше дека по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, е поднесено обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи, а поднесено е и обвиниение против суспендираниот обвинител Цветановски.

Цветановски во интервјуто за МИА, минатиот месец обвини дека се води хајка против него со цел да се поништи неговата одлука во предметот поврзан со бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), посочувајќи на судир на интереси во Комисијата која одлучувала за неговата суспензија, и откри дека за тоа поднел кривични пријави против републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителката Лиле Стефанова.

МИА