„Можеби избрзав малку но му кажав на министерот дека тој застапува политика на држава и не треба да се меша во работи што не се во негова надлежност, вели градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, откако претходно на ФБ го нарече Никола Димитров идиот (па го избриша коментарот) за неговиот став околу нобеловецот Хандке.
Богдановиќ за „Порталб.мк“ вели дека навредата била последица на избрзана постапка и дека воопшто не поддржува луѓе што поддржуваа злосторства против човештвото.
– Нормално, не сум поддржувач на злосторства, без разлика за кого станува збор. Можеби избрзав малку. Сите сме луѓе и може да избрзаме. Му кажав на министерот дека тој застапува политика на држава, а не на доделување награди. Сепак станува збор за книжевност. Министерот не треба да се меша во работи што не се во негова надлежност, вели Богдановиќ.
Претходно, откако се дозна дека Македонија го бојкотирала доделувањето на Нобеловата награда за литература, Богдановиќ го нарече Никола Димитров е идиот на коментар на негвиот ФБ профил.
Богдановиќ преку „Фејсбук“ на австрискиот книжевник Петер Хандке му ја честиташе наградата, а потоа во неколку коментари ја оцени наредбата на Димитров до амбасадорот на Македонија во Шведска да не присуствува на свечената церемонија како идиотска.