Д-р Ели ЛИЗОРКИН-АЈЗЕНБЕРГ
(раководител во рамки на израелскиот Институт за библиски студии и основач на Израелскиот библиски центар)
Откако му било кажано дека Лазар е болен, Исус чекал уште два дена за да отиде кај него, кога тој веќе бил умрен и за да го воскресне. Со тоа, тој одредил воскреснувањето на Лазар да се случи точно четвртиот ден по смртта. Зошто?
Одговорот можеби лежи во еврејската традиција која може да се проследи уште од времето на Исус. Се верувало дека душата на починатиот лебди над мртвото тело три дена, очајно обидувајќи се да се врати во телото.
„Првите три дена по смртта душата лебди над телото, мислејќи дека ќе се врати во него. Кога душата, гледајќи го телото, ќе види дека изгледот на лицето се променил, го напушта телото и си оди“ (Jerusalem Talmud, Yebamot 16:3)
Во неодамнешното откритие на еден антички камен, пронајден на истата географска локација каде што се пронајдени и некои од свитоците од Мртвото Море, постои интригантна фраза што може да се преведе како:
„За три дена, јас, Габриел, ти командувам“ (каменот на Габриеловото Откровение, Израелски музеј). Иако воскресението на Лазар сигурно не е настанот што е опишан овде, откритието покажува дека идејата за воскресение во рок од три дена не била туѓ концепт за древните Евреи.
Оттука, ако некој воскресне во времето до три дена по смртта, тоа не би било нешто спектакуларно за скептеците, иако нема примери дека такво нешто се случувало. Но, во верувањето на луѓето било дека човек може да воскресне до третиот ден и ако тоа се случило со Лазар, противниците на Исус и скептиците би можеле да тврдат дека во тоа нема ништо посебно.
Затоа, откако дознал дека Лазар е болен, Исус чекал уште два дена и стигнал во Витанија на четвртиот ден – кога воскресението ни според еврејското верување веќе не било можно бидејќи душата веќе заминала! Со тоа, кога Лазар конечно воскреснува, се појави и еден друг, мошне битен аспект – воскресението не е нешто што го прави Исус, воскресението е нешто што е Исус (Јован 11:17-40).