До
Претседателката на Република Словачка, г-ѓа Зузана Чапутова
Претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан

Отворено писмо и апел за помош од проф. д-р Гоце Цветановски, лингвист

Почитувана г-ѓа Зузана Чапутова, претседателка на Република Словачка, почитуван г. Милош Земан, претседател на Чешката Република,

Ви се обраќам од името на мојот македонски народ кој во словачкиот и чешкиот народ гледа искрени и братски народи што секогаш стоеле на страна на вистината и на правдата.

Впрочем и во националното гесло на двата народа стои „Вистината победува“ (чешки: Pravda vítězí, словачки: Pravda víťazí), а овој пат во името на ВИСТИНАТА и ПРАВДАТА ви се обраќам со надеж дека ќе сторите сè што е во ваша моќ предлогот на г. Макрон, кој е опасен преседан во рамките на ЕУ и кој ја промовира насилната геноцидна политика на Република Бугарија кон македонскиот народ, неговата култура, историја, традиција, фолклор и јазик, да не биде составен дел од преговарачката рамка за влез на Република Македонија во ЕУ.

Вие многу добро знаете што значат светите браќа Кирил и Методиј за сите словенски народи, а посебно за словачкиот и чешкиот народ и дека „Моравската мисија“ се одвивала токму на ваша почва.

Како научник кој престојувал и работел во вашите научни центри, и како редактор и еден од авторите на првиот „Словачко-македонски речник“ лично се уверив колку е развиен култот кон сесловенските просветители св. Кирил и св. Методиј, особено што во градот Нитра св. Методиј е ракоположен за прв сесловенски архиепископ. Во вашите универзитети се изучува македонскиот јазик рамноправно со другите словенски и балкански јазици. Вашите научници истражуваат и пишуваат за македонскиот народ, за неговата историја, култура, фолклор, традиција, за неговиот јазик кој и тие го знаат и го нарекуваат македонски.

Македонскиот народ во својата вековна историја никогаш не се обидувал да зграби нешто што не е негово и љубоморно да го чува од другите, впрочем за тоа зборува и фактот што св. браќа Кирил и Методиј кај нас се нарекуваат сесловенски просветители, а во црковниот календар се сметаат како патрони на Европа. Јазикот на кој е создадена првата словенска азбука и на кој се напишани првите книги, ние го нарекуваме старословенски, а не како нашиот источен сосед старобугарски.

Срамно е во 21 век од страна на ЕУ како чувар на европските и светските демократски вредности да се наметнуваат вакви понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја во ЕУ (Република Франција) каде што се врши геноцид кон цел еден народ. Длабоко сум уверен дека вие и вашите народи не се согласувате со францускиот предлог за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ, во кој се наведени сите барања на официјална Софија за промена на историјата, за ограничување на правото на изразување на научната мисла, за негирање на македонскиот јазик како атрибут на македонската нација.

Мојот народ е мирољубив и чесен, но не е народ без достоинство и вредности, не е народ кој сака својата среќа да ја гради врз туѓа несреќа. Властите во Република Македонија се единствените политичари кои потпишале дека нивната држава се оградува од своите национални малцинства во соседството, единствените што се согласуваат на ваков срамен и понижувачки начин да се обезличи мојот македонски народ, кој живее на библиска земја споделувајќи ја судбината со сите сограѓани од различна етничка и верска припадност, народ кој „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не поле за борба каде што луѓето се виртуелни фигури, без чувства и емоции, без колективна меморија, поле каде место емпатија се вгнездува културна и духовна агресија.

Ако тоа е условот македонскиот народ да влезе во ЕУ, тогаш јас лично велам НЕ!

Во овие тешки времиња за македонскиот народ упатувам апел за помош од вас како претседетали на две земји членки на ЕУ и како вистински пријатели на македонскиот народ, да се обидете да ја исправите неправдата кон цел еден народ, за доброто на самата Унија.

Да не дозволиме наместо европеизација на земјите од Балканот да се случи балканизација на Европа, да не дозволиме ретроградната и длабоко националистичката политика да добие виза во институциите на ЕУ.

Скопје, 7 јули 2022 година проф. д-р Гоце Цветановски, научен советник