ЗА КОЛЕКТИВНИОТ ИМУНИТЕТ И ЗА НЕКОИ ДРУГИ НЕШТА…

Колективен имунитет е форма на индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога голем процент од популацијата станала имуна на инфекција, без разлика дали е направена преку претходни инфекции или вакцинација, со што се обезбедува мерка на заштита за лица кои не се имуни.

Обично, луѓето стануваат имуни преку вакцинирање. Но, сè уште нема вакцина за коронавирус, така што колективниот имунитет може да се постигне, во моментов, само ако доволно луѓе заболат и закрепнат, при што ќе развијат имунитет.

Целта е да спасиме животи, да ги заштитиме најранливите популациски групи и да го олесниме притисокот врз нашиот здравствен систем.

Не е целта достигнување на заштитно ниво на колективен имунитет во краток временски период. Колективниот имунитет е научен концепт, не е цел или стратегија. Тој е „природен нус-производ на една епидемија“.

Постојано се спомнува ниво на колективен имунитет од 60 проценти, како ниво неопходно за да стивне епидемијата.

Од каде потекнува бројката од 60 проценти? И, дали ќе доживееме позитивни ефекти од колективниот имунитетот во одреден момент?

Степенот на заразноста се мери со помош на базичниот репродуктивен број R0, што претставува просечен број луѓе, за кои се очекува да се заразат од едно заразено лице. За COVID-19, R0 во моментов се проценува дека е околу 2-3. За споредба, грипот има R0 од 1,3, додека морбилите дури 18.

Пропорцијата на луѓе што треба да станат имуни за да се постигне колективен имунитет (т.н. „праг на колективниот имунитет“) се пресметува со помош на релацијата 1 – (1 / R0). За коронавирусот, ако за R0 употребиме вредност 2,5, за прагот на имунитетот ќе добиеме пропорција 1 – (1/2,5) = 0,6 (60%).

Според James Holland Jones од Универзитетот Станфорд, R0 зависи од следните три фактори:

  • преносливост (трансмисибилност) – број на инфекции по контакт, или (инфекции / контакт), кој ќе го означиме со „t“
  • број на контакти – колку контакти има во просек помеѓу инфицирано лице и осетливи (подложни) лица со тек на времето. Ова е однос (контакти / време), што ќе го означиме со „с“.
  • времетраење на преносливост – колку долго некој што се инфицирал е во состојба да го пренесува вирусот. Значи, ова е однос (време / инфекција) и ќе го означиме со „d“.

Бројот на нови случаи, R0, е пропорционален на преносливоста, помножена со бројот на контакти за време на преносливоста, помножена со должината на времето кога болеста може да се пренесе.

Така
R0 ∝ t × c × d

Ниту еден од овие три броја не може директно да ги измериме, особено за време на епидемиско ширење, но може врз основа на други информации да ги процениме со помош на модели. Клучна поента е дека R0, по дефиниција, го претставува бројот на нови случаи по поединечен (инфициран) случај.

Тоа го претвора прогресот на епидемијата во позната равенка:
број на нови случаи = број на почетни случаи × R0 на n степен.
каде што „n“ е бројот на „генерации“.

Графиконот прикажува три случаи: R0 = 0.9, R0 = 1.0 и R0 = 1.1. Можеме да видиме дека R0 = 1 е магичен број: ако R0 е помало од 1, епидемијата исчезнува.
Ако сакаме да контролираме епидемија, тогаш, она што треба да го направиме е да го намалиме R0.

Тоа може да го сториме со промена на кој било од трите параметри: преносливоста, бројот на контакти и времетраењето на преносливоста.

Преносливоста може да ја намалиме со тоа што ќе се погрижиме вирусот да нема контакт со други лица, што значи да ги миеме рацете – и повеќето други совети, да не го допираме лицето, носот, очите и така натаму.

Сите вакви мерки придонесуваат да се намали веројатноста вирусот да биде пренесен.

Можеме да ги намалиме контактите со социјално дистанцирање (ако сме здрави) и со само-карантин ако знаеме дека сме биле изложени.

Времетраењето на преносливоста го намалуваме со карантин и со поефективни третмани.

Треба уште еднаш да се нагласи дека R0 е број на нови случаи кај осетливи луѓе. Вакцина или ефективен третман ќе го намали R0 едноставно со редуцирање на осетливата популација.

Исто така, сите асимптоматски случаи ја редуцираат осетливата популација (не можете два пати да се заразите – иако има сопштенија дека и тоа е можно во ретки случаи…). И тоа go намалува R0.

Значи, од една страна, порастот на асимптоматски случаи е пожелен, зашто со тоа постојано се редуцира осетливата популација.

Од друга страна, може да бидеме заведени од порастот на официјално евидентираниот број на нови позитивни случаи. Не е тоа релиабилен показател за состојбата со епидемијата.

Едноставно, со помасовно тестирање, за очекување е и бројот на позитивни случаи (вештачки) да се зголеми!

Она што е релевантно, е да се оневозможи нагло генерирање на нови случаи (затоа што целосно спречување веќе не е можно), да се растегне времето во кое ќе настануваат, да се израмни епидемиската крива, колку што е тоа можно (види слика).

Зошто?

За да се регрутираат што помалку болни на кои им треба хоспитализација.

За да не се пречекори капацитетот на здравствениот систем.

За со тоа да не се компромитира квалитетот на здравствената нега.

А со тоа и да се намали смртноста.

МЕРКИТЕ…

Сите мерки што се преземаат се насочени кон намалување на вредноста на R0, т.е. отежнување на ширењето на болеста, а тоа, пак, го намалува прагот на колективниот имунитет под 60 проценти. Значи, ако се намали R0 да речеме на 1,5, прагот на колективниот имунитет ќе изнесува 1 – (1 / R0) = 1 – (1 / 1,5) = 0,33 (33%).

Мерките се базирани на препораките на Светската здравствена организација..
Препорачани се две глобални групи на мерки:

1. Рестриктивни мерки (забрана на патувања, затворање на училишта, факултети, угостителски објекти, јавни локали, работа од дома, ограничување на движење, социјално дистанцирање, изолација, карантин, социјално дистанцирање, воведување полициски час… итн).

Овие мерки, всушност, не се ништо ново. Преземани се уште во XIV век, за време на беснеењето на чумата во Европа („Црна смрт“). Тоа се, всушност, „средновековни“ мерки!

Дали кај нас тие мерки се доволни?

Доволни би биле, ако би се почитувале од страна на граѓаните.
Сè уште постои масовно непочитување на мерките за одржување на социјална дистанца. Еклатантен пример се нашите сограѓани пензионерите. Сè уште тие се најприсутни во продавниците во утринските часови.
Сè уште ретко кој носи маска во затворен јавен простор.

Неопходно е спроведување на ригорозни контроли на почитувањето на мерките!

Неопходно е државата да донесе Уредба за задолжително носење маски и на отворено, зашто последните согледувања се дека вирусот се пренесува и со дишење и зборување (дека и тогаш се формираат т.н. биоаеросоли).

2. Рано откривање и изолирање на кластери на случаи преку масовно тестирање на ризични групи население.

Се проценува дека оваа група на мерки спречува повеќе инфекции, отколку ограничувањата на патувања и редукцијата на социјални контакти. Меѓутоа, ако се комбинираат, се постигнува најсилен и најбрз ефект. Примерите на Кина, Сингапур и Јужна Кореја, кои ги комбинирале рестрикциите со ригорозни мерки на тестирање на секој можен сомнителен граѓанин, претставуваат модел за Европа.

Како е кај нас?

Кај нас се врши тестирање со неколку стотини тестови дневно. И се дијагностицираат секојдневно нови позитивни случаи. Вкупниот број не е ни битен. Погоре нагласивме, можеме да го зголемиме и неколкукратно бројот на тестирања и последично ќе добиеме и поголем број позитивни случаи.

Масовно тестирање, да!

Ама дефинитивно не по принципот „кој има желба“ и само на одделни пунктови. Така ќе останат „темни зони“, во кои нема да се има увид во дистрибуцијата на позитивните.

За да се обезбеди што е можно пореална и поцелосна претстава за дистрибуцијата на скриените кластери на инфекции (за да може и што поефикасно да се неутрализираат), од суштинска важност е следниот методолошки пристап при тестирањето:

Постоечките рестриктивни мерки мора да се искористат, да се спроведе студија на пресек (трансверзална студија – cross sectional study) во цела држава, со која ќе се согледа постојат ли скриени кластери на позитивни случаи? Кои, нели, играат улога на „неми“ сејачи на вирусот околу себе.

За таа цел, неопходно е да се тестира што пошироко населението, според територијален принцип. Треба да се употребат регионите што ги покриваат Центрите за јавно здравје.

На секој од нив да се дистрибуираат брзи серолошки тестови, пропорционално на бројот на населението. Со помош на локалната самоуправа, тие да ги мобилизираат докторите од примарната здравствена заштита за спроведување на тестирањето.

Секој матичен доктор да го посети секое семејство на граѓани кои се запишани кај него. При тоа да тестира макар еден член во семејството со брз тест. Резултатот е готов за 10 минути.

Ако тестираниот е негативен на ИгМ и/или ИгГ антитела, другите членови на семејството не ги тестира.

Ако се констатира позитивен наод, се тестираат и сите други членови на семејството, а на позитивниот докторот му зема брис за ПЦР (матичниот доктор треба да носи со себе и брисеви).

Забелешка: Со оглед на итноста од спроведување на ова масовно тестирање, во случај на немање доволно брисеви за молекуларниот ПЦР тест, да се оди само со серолошките ИгМ/ИгГ тестови и со позитивните да се постапи исто како да им е потврден вирусот и со ПЦР. Имено, да им се препорача домашна изолација од 14 дена, додека во меѓувреме не се набават доволно брисеви за ПЦР.

И се разбира, сето погоре бесплатно за граѓаните, на терет на државата!
Со ваков пристап, треба да постигнеме детекција на скриени кластери на позитивни случаи (асимптоматски или пре-симптоматски), кои би требало веднаш да се локализираат и неутрализираат (со мерки на изолација на случаите).

Овој начин на масовно тестирање има огромно значење и за редуцирање на ризиците да се појави секундарен епидемиски бран, оној момент кога рестриктивните мерки ќе се релаксираат. Бидејќи не може да траат бесконечно.
Сите мерки заедно ќе го намалат R0.

Во овој момент не може да се каже во која мера. Но, во целина, очекуваме R0 значајно да се спушти кон 1, (а дури и под 1). Целта е да се обидеме да го редуцираме преносот и да се забави епидемиското ширење.

Тешко е да се предвиди и колку време ќе биде потребно за да се достигне точката кога R0 ќе падне под 1.

Што понатаму?

Можно е да треба периодично да се воспоставуваат строги рестриктивни мерки, па потоа да се релаксираат одреден период, па потоа пак да се воспоставуваат… сè додека R0 не падне под 1, веројатно во текот на период од неколку месеци…

Зошто?

За да не се задуши државата, наместо епидемијата. Па да добиеме, како последица, глад и сиромаштија.

Секогаш мораме да го имаме следното на ум:

НИКОГАШ ПРЕЗЕМЕНИТЕ МЕРКИ НЕ СМЕАТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ПОВЕЌЕ ШТЕТА ОД САМАТА ЕПИДЕМИЈА!

 

Извор: Доктори мк