Заменик-директорот на Клиничкиот центар Ниш, Радмило Јанковиќ, за Н1 изјави дека нема шанси во следниот период ситуацијата во Србија да биде поинаква отколку во Западна Европа, која бележи огромен скок на бројот на новозаразени осо Омикрон и низа земји одново се затвораат.

Тој, исто така, верува дека Омикрон е многу поприсутен во циркулацијата отколку што претпоставуваме.

„Дефинитивно одиме кон нов бран, а тоа ќе трае до пролет“, предупредува Јанковиќ.

„Моја претпоставка е дека ќе ја имаме истата ситуација како минатата зима. Повторно сме на таа нагорна линија’ додава Јанковиќ.

Последниве денови бројките во Србија почнуваат да растат. Целосно е неодговорно да се правиме дека тоа нема да се случи овде (повторен скок на бројот на новозаразени)“, посочува Јанковиќ за Н1.

Тој додава дека епидемиски се следени само неколку десетици луѓе кои се вратиле од Боцвана и Западна Африка, а половината биле позитивни.

„Можете да замислите што ќе се случи кога стотици луѓе ќе почнат да доаѓаат од Германија, Швајцарија, Австрија…“, предупредува Јанковиќ.

Посочувајќи дека бројот на новозаразени на дневна основа во Белград е многу висок, односно 40 отсто од сите заразени во Србија, тој посочува дека „не е во ред да седиме со скрстени раце, кога Европа има стотици илјади заразени, а ние ја правиме истата ситуација како кога луѓето беа советувани да одат на шопинг во Милано“.

„Што мислите дека ќе се случи кога Омикрон, а не сум убеден дека предизвикува поблаги клинички слики, ќе зарази хронично болни, онколошки пациенти, стари лица…“, вели Јанковиќ.

Од друга страна, посочува тој, „имате ситуација кога на луѓето навистина им се заканува и емоционален и психолошки колапс“, по речиси две години живеење во пандемија, со „толку многу конфузија и толку многу контрадикторни информации“.

Тој посочува дека на луѓето треба што поскоро да им се даваат умерени, но точни информации, бидејќи, повторува, „не можеме да го избегнеме она што се случува во Европа“.

Тој додава дека сега е повеќе загрижен за некои медицински работи за кои знае помалку од порано, како што е ефикасноста на вакцините што ги примивме.

Тој посочува и дека во овој бран најголеми жртви ќе бидат здравствените работници кои се веќе изнемоштени.

За денеска во Србија е најавена седница на Кризниот штаб на која, како што е најавено, медицинскиот дел од Кризниот штаб ќе побара посериозни мерки, иако повеќето експерти не веруваат дека ќе бидат воведени.

Во Србија вчера имало 1.249 нови случаи на коронавирус, а починале 27 лица.

Бројот на нови случаи на коронавирус во Србија во последните три дена е зголемен за околу 20 отсто во однос на истиот период минатата недела, покажуваат официјалните податоци на Институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“.

Во Македонија е регистриран само еден случај на Омикрон, а состојбата со новозаразени и починати бележи пад. Поради тоа, министерот Филипче рече дека нема потреба од други мерки, истакнувајќи дека тоа не може да се прави секогаш кога ќе се појави нов мутант на корона вирусот.