Пишува: Д-р Ана ЛАЗАРОВА
Образовниот процес е најзначајниот интегрален дел во развојот на поединецот преку кој тој се формира како комплетна личност на која понатаму ја надоврзува својата професионална кариера со која учествува во изградбата на општеството.
Секој еден поединец има своја приказна, свое искуство кое е нераскинлив елемент од тој пат, независно од должината на образованието и тежината на истото.
Вистинскиот професионалец има одлики на посветеност, транспарентност, искреност, чесност, преданост кон работата, односно морална и професионална етика. Тие одлики не само што се репрезент на квалитетен поединец, но се и репрезент на квалитетно општество кое е составено од вистински професионалци независно на која област припаѓаат.
Како поединец сметам дека ми е нанесена повеќекратна неправда со неуредно спроведена постапка при избор на наставно-научно звање во два наврати , со грубо кршење на законски одредби од Законот за високо образование.
Моето име е Ана Лазарова (18.11.1982 – Скопје) доктор по медицина, специјалист по радиологија, доктор на медицински науки, до неодамна вработена и како асистент по предметот радиологија на Медицински факултет – Скопје.
Асистент – докторанд по предметот радиологија бев избрана 2015 година на Конкурсот на Медицински факултет за избор на асистенти-докторанди при што потпишав договор за вработување со Медицинскиот факултет во кои беа објаснети правата и обврските, а за времетраењето на договорот беше наведено дека е согласно со Колективниот договор. Исто така, усмено од вработените во правната служба ми беше објаснето дека моја обврска е во рок од пет год. да ги завршам докторските студии, односно да одбранам докторат за да го исполнам условот за задржување на асистентското место до понатамошен избор во наставно-научно звање.
Почнувајќи од учебната 2015/2016 год., како и 2016/2017 година редовно ги одржував вежбите по предметот радиологија за студентите на Медицинскиот факултет на групите кои ми беа доделени од страна на катедрата. После првата одржана вежба на две групи студенти во учебната 2018 год. на терминот за втората договорена вежба студентите не дојдоа, а јас не бев претходно известена дека групите се прераспоредени кај други колеги, ниту бев информирана за причината на истото прераспоредување.
Направив повеќе обиди да стапам во контакт со шефот на катедрата на „Рентген институт“ проф. др. Михаил Груневски кој беше мој претпоставен – телефонски, лично и преку пораки, но едноставно тој беше недостапен одбивајќи ги моите повици и целосно игнорирајќи ме.
Воедно поднесов и писмено барање преку Архивата на Институтот до шефот на катедрата со барање да ми се доделат вежби заради континуитет во наставниот процес во месец октомври 2018 год., но одговор не добив до ден денес. Вежби не ми беа доделени ниту следните две години, а целосниот непрофесионален, неетички и однос на игнорирање на шефот на катедра кон мене продолжи. Со одбрана на докторската дисертација во 2019 година се стекнав со звањето доктор на медицински науки , клиничка медицина, што воедно беше и неопходно за понатамошен избор во наставно-научно звање. Во меѓувреме објавив повеќе од десетина научни трудови во домашни списанија со меѓународен уредувачки одбор и странски списанија со импакт фактор, активно учествував на семинари, работилници, симпозиуми, односно продолжив да бидам целосно посветена на научната дејност во рамките на моите можности, без притоа да бидам ангажирана од страна на катедрата во активностите на факултетот согласно мојата позиција кои се неопходни за добивање поени со цел исполнување на услови за понатамошен напредување во наставно научното звање.
Со тоа бев без можноста за соодветните активности што ги дава факултетот, оставена на моите самостојни обиди, слободно можам да кажам и борба за развој и на наставно-научната кариера, не само без дополнителна помош, туку и со оспорување на рамноправноста споредбено со останатите колеги. Пораката беше јасна односно без оглед на квалитетот на поединецот, без оглед колку се труди , покажува волја и професионалност ако не треба да биде во „тимот“, „таборот“, ќе биде „исфрлен од игра“.
Според член 176 од Законот за високо образование, чиј наслов е „Рок за избор во повисоко звање односно за повторен избор во звање“, став 1, најрано 7, а најдоцна 6 месеци пред истекот на рокот на времето за кое е извршен изборот наставно-научно, наставно-стручно и СОРАБОТНИЧКО ЗВАЊЕ, деканот на факултетот односно директорот на високата стручна школа распишува конкурс за избор во сите наставно-научни, наставно-стручни, научни и наставни звања, како и за избор на соработничко звање асистент, односно за уметнички или стручен соработник.
Во септември 2020 год. излезе конкурс на Медицински факултет за избор во наставно –научни звања во повеќе области, меѓу кои и радиологија.
Колегите асистенти од Катедрата за радиологија на Медицински факултет согласно горе цитираниот член 176, беа информирани за конкурсот од страна на катедрата, но не и јас , за конкурсот разбрав сосема случајно.
Она што е иронија во сета оваа ситуација е дека јас ниту еднаш не успеав да остварам контакт со шефот на катедра по радиологија , ниту бев контактирана од страна на катедрата како рамноправен член, информирана за бројот на места за избор во наставно-научно звање ( бидејќи се отвораат наменски за членови на катедрата) , како што беа останатите колеги.
Покрај сето ова, јас повторно се пријавив на тој конкурс за едно место за доцент на кое конкуриравме двајца, а од членовите на рецезентската комисија при тој избор не ми беше предложен реизбор во соработничко звање – асистент, на што законски имам право, туку мене ми беше предложено да се повлечам од конкурсот бидејќи сум немала доволно поени.
Без никаква претходна најава од страна на Медицински факултет во јануари оваа година , ми се јавија од мојата матична институција каде што сум вработена како доктор специјалист радиолог да прашаат зошто не сум ја доставила одлуката дека сум разрешена од асистент, односно одјавена без најава. Се најдов крајно непријатно изненадена бидејќи таква одлука воопшто не добив ниту имав најава кога после конкурсот се обратив до Деканатот што понатаму со моето асистентско место.
Добив усмен одговор дека тоа стои се до следен избор во наставно-научно звање.
Со е-маил ја информирав деканката на Медицински факултет, проф. д-р. Соња Топузовска за мојата ситуација, при што добив писмен одговор по електронска пошта дека направен е НЕНАМЕРЕН пропуст од страна на шефот на катедра проф. д-р. Михил Груневски и истиот ќе биде исправен така што на следниот конкурс ќе биде распишано место за научен соработник, бидејќи катедрата има шест непополнети места за научен соработник , на кое јас ќе можам да конкурирам.
Во периодот од јуни 2019 до март 2020 јас користев породилно отсуство. Според став 3 член 176 од Законот за високо образование „времето на распишување на конкурс од став 1 од овој член се продолжува за времето поминато на породилно отсуство , боледување подолго од три месеци како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон“.
Во мојот случај породилното отсуство Медицински факултет воопшто не го зема во предвид за да ми го продолжи асистенсткиот статус за 9 месеци од конкурсот во септември 2020 година поради траење на породилото отсуство.
Тоа претставува дискриминација и флагрантно кршење не само на Законот за високо образование туку и на законот за работни односи.
Барајќи ги своите права повторно направив обид за средба со шефот на катедрата проф. д-р Михаил Груневски на која добив извинување поради ненамерната грешка и сугестија да бидам трпелива, со ветување оти истата ќе се корегира на следниот конкурс во март месец оваа година, на кој ќе биде дадено место за научен соработник за да конкурирам на истото и на тој начин да бидам повторно вратена на катедрата со што катедрата ќе ја исправи направената грешка во мојот случај.
На конкурсот кој е објавен на 08 март 2021 год за едно место за научен соработник од научната област радиологија, се пријавивме двајца кандидати – јас и моја колешка која на конкурсот во септември ја реизбраа за асистент.
Наставно научниот совет формира рецезентска комисија која треба приложените документи да ги бодува според Правилник за избор на наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања, објавен во Универзитетски Гласник бр 411 од ноември 2018 год.
За жал комисијата повторно е тенденциозна во изборот фаворизирајќи ја другата кандидатка, со тоа што четири мои труда објавени во меѓународно списание со импакт фактор, наместо да ги бодува според критериумите кои се наведени во Правилникот за избор во звање, ги бодува како трудови кои немаат импакт фактор и тенденциозно ме оштетува со помалку поени.
Воедно според член 25 од Правилникот за избор во звање, сите трудови кои се бодуваат мора претходно да бидат прикачени на Репозиториумот на УКИМ (ризница.уким), во спротивно НЕМА ДА СМЕАТ ДА СЕ БОДУВААТ.
Комисијата и во овој случај врши грубо кршење на Правилникот и постапува спротивно членовите на Законот за високо образование, бидејќи бодуваните трудови на другиот кандидат ниту во време на конкурс, ниту во времето за кое траеше изборот, ниту кога е излезена рецензијата во билтенот на УКИМ – 15.05.2021, ги нема поставено на „ризница.уким“, односно истите не смеат да се бодуваат и не смеат да влезат во избор за звање, а се бодувани.
Во заклучокот што го дава комисијата стои дека двајцата кандидати (јас и мојата колешка) „ги исполнуваат сите услови да бидат избрани во звањето научен соработник“, но комисијата му предлага на наставно научниот совет само едниот кандидат – мојата колешка да биде избрана во научно звање, без образложение зошто е тоа така.
Рецезентаската комисијата одлучува да ја предложи колешката за научен соработник и јас повторно бивам оштетена и покрај целосното исполнување на условите за избор посебно во делот на научно-истражувачката област (која е најзначајна при избор за научен соработник) каде според број на објавени научни трудови и списанијата во кои истите се обајвени ја надминувам предложената кандидатка.
На тој начин шефот на катедра проф. д-р. Михаил Груневски кој беше претседател на рецезентската комисија при овој и претходниот мој избор јасно ми дава на знаење дека без оглед на мојот квалитет, исполнетоста на сите услови за избор во звање, притоа кршејќи повеќе делоови од Законот за високо образование и Законот за работни односи , катедрата по радиологија на Медицински факултет ја сведува на своја лична тезга, сопствено дуќанче, со кое управува своеволно мимо сите правила и закони утврдени во Статутот на Медицинскиот факултет.
На овој начин Медицинскиот факултет во Скопје-УКИМ кој треба да се грижи за развојот на наставниот кадар, кој треба да ја поддржува и развива онаа малку наука која што се трудиме да ја извлечеме од нашата стручна област и да ја презентираме во научните наши и светски кругови, ја опструира нанесувајќи не само моја лична штета, туку и колективна штета.
Не сакам да верувам дека нанесувањето неправда на одредени поединци е тенденциозно , за да понуди бенефит на некој кој им е ним од интерес, ниту дека така треба да функционираат нештата во институциите во Македонија кога сме на патот кон Европската Унија и кои се тие европски вредности кои ги бараме а фундаментот на општеството крахира преку вакви и слични примери со кои се соочуваме секојдневно.
Бараме зрелост, бараме сериозност на системот во сите сегменти во општеството, а клетката на тие сегменти е дисфункционална бидејќи очигледно постојат поинакви интереси од тие кои се потребни во едно општество.