Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПЕСНИ

Македонската народна песна опела многу важни моменти од историјата на македонскиот народ. Ги опеала главните занимања земјоделството и сточарството, другите трудови процеси, разните занаети, печалбарството како значаен фактор во минатото, верувањата од народната митологија, многу обреди, семејни, љубовни и други односи.

Но оваа песна со посебен пиетет  ја опева повеќевековната ослободителна борба на македонскиот народ од разни поробувачи. Опеани се Илинденското востание, балканските и светските војни, индивидуалните и колективните саможртвени подвизи, бајракот (знамето) како симбол на решеноста да се истрае до конечната победа и тн. Македонската  народна песна ги опеала и многуте предавства (на Турунџе, Сугаре, и др.) како и предавниците (Митре Гинката, Петре Љигушот, Коте од Руља и др.) заедно со клетвата „Бог да ги бие шпиуните, предавниците…“

Поголем број песни испеани за Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Јордан Пиперката, Јане Сандански, Апостол Петков и многу други јунаци кои со своите подвизи уште зе време на животот влегле во народното предание. Но сепак на врвот на овој пантеон македонската народна песна го става Гоце Делчев најавторитетната личност од македонското ослободително движење од овој период. Онака како што и бугарскиот напреден писател Антон Страшимиров, „искрен пријател и почитувач на неколкумина лидери на македонското револуционерно движење“ Гоцета го стави на прво место „оти тој беше срцето на револуционерна  Македонија“.

Ако во одредени случаи постојат дилеми по прашањето за интересот на народниот пеач кон одредени личности, кога станува збор за Гоце Делчев и неговата застапеност во народните песни (и во народното творештво воопшто), дилеми на постојат. Гоце е централна фигура во македонската револуционерна поезија, зашто е и најпопуларната личност во македонското револуционерно движење во еден не само бурен туку и судбински период. Гоце е заштитник на народните маси, идеолог и главен организатор на востанието, но и жесток борец против секакви надворешни мешања со јасна мисла што има и програмско значење дека „Ослободувањерто на Македонијсз лежи во внатрешно востание“. Инстиктивно претчувствувајќи го исходот на избрзаното востание тој неуморно ја крстосува цела Македонија пропагирајќи го неговото одложување. И согоре во тој зафат, залагајќи се за реализација на народните слободарски стремежи.

Гоце секогаш бил меѓу народот. И секаде каде што ќе пристигнел успевал за кусо време да ги освои симпатиите на луѓето. Христо Силјанов опишува една ваква средба на Гоце во селото Гугово. „Таа вечер во Гугово имавме селско собрание во црквата. Двата големи свеќници и кандилото пред распептието горат. Гоце застанал пред владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лицето кон насобраниот народ. Загледани во таинствениот човек за кого слушале легенди, тие со напрегнато молчење чекаат да отвори уста. И со првиот збор „Браќа!“ којшто го изговараше со пленувачка, само нему својствена насмевка, само со тој збор тие се веќе заробени во неговата магија. Гласот на праведникот удира во црковните ѕидови и се враќа право во срцата. Тоа ехо го чувствувам со срцето и јас за кого не се однеусва проповедта. Тоа се одразува по лицата на селаните кои изгледаат како озарени од Божјо откровение. Настапува најсвечениот момент. Некогашниот арамија дедо Андре, зема во рацете икона, Марко ги вкрстува пушката и ножот. Неподвижен и концентриран тој во миг на вдаховен жрец – некаков нов Крстител, дојден да ги запознае луѓето со тајните на највистинската, највозвишената вера.“ Ете затоа Гоце е опеан во стотици песни, затоа што имал ѕвезда, бил, како што вели народот  „јунак ѕвездалија“ или со сегашен речник речено човек со харизма. Него народот најповеќе го поврзувал со револуционерното движење за ослободување на својата татковина – Македонија.

Затоа името на Гоце Делчев силно се втиснало во колективната меморија на македонскиот народ. Затоа неговото име подоцна влегло не само во многу народни песни, туку и во македонската химна, потоа во маршеви, масовни песни, многу авторски песни, неговото име го носеле борбени единици (одреди и др.) подоцна објекти, улици, плоштади, институции итн. Во „Песна на македонските партизани“ попозната како „Во борба, во борба македонски народе“ објавена во втората Рацинова песнарка се пее: „Излеговме ниј смели партизани, / над нас на Гоце знамето се веј,“ а во „Младински марш“ од првата песнарка на Рацин се пее: „На оражје! – Час изби, стани,/ и Гоцево знаме развеј.“ Не случајно и првата партизанска печатница во која се печателе и збирките на Кочо Рацин го носела името Штампарница „Гоце Делчев“.

Но македонската народна песна со најголемо внимание дури и со занес го опева името Македонија. Во долгите векови на ропство македонскиот народ го имал ова име како најголемо, ако не и единствено богатство, како нешто свето, со него се идентификувал, за него умирал. Колку бил во право поетот Кочо Рацин кога во една статија за македонската народна песна истакнал дека „Сето она што не можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната.“ Затоа македонскиот народ најповеќе имал причина да пее, особено да го опева своето име. Во долгите векови на ропство, во време на денационализација и однародување на кои бил изложуван кога му било забранувано и да зборува на својот мајчин јазик и да го изговара своето национално име, него можел само да го сонува и да го опева во песните, но и да го споменува во претсмертен час: „Јас умирам за слобода,/За слобода на Македонија“. Или во друга песна:

Врвете браќа гинете,

Гинете за слободата,

На мила  Македонија.

Навистина на прв поглед изненадува  пречестото споменување на името Македонија, Македонец, Македонка, македонски во народните песни. И кога се пее за момчето тоа е „лично момче Македонче“ и кога се пее за момата таа е „малка мома Македонка“ и кога се опева одбор дружина тоа се „двајсет момчиња, се Македонци“, или „се млади момци се Македонци“  Но тоа е доволно мотивирано и премногу оправдано особено кога станува збор за револуционерните песни во кои се опева повеќевековната борба на македонскиот народ за ослободување од разните поробувачи. И секое такво споменување на името Македонија како да тргнува од заложбите на познатиот македонски револуционер, комита, војвода, поет, учебникар, но и идеолог на македонското национално будење Ѓорѓија Пулевски кој уште во втората половина на 19 век чувствувал потреба да нагласува дека „и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија“или „Наше отечество се велит Македонија и мије се именуваме Македонци“.Затоа името Македонија најчесто се среќава во песните во кои се пее за ослободителната борба на нашиот народ. Така еден востаник порачува

…да се збереме, да ослободиме

нашата Македонија.

во друга песна се пее дека се води „борба за Македонија/ земја поробена“, во трет случај востаниците „бој ќе водат за слобода/ за слобода на Македонија.“

Со својата многубројност, но и со својата емотивна порака оставаат впечаток песните во кои јунакот загинува за Македонија:

Бог да го прости Миле Поп Јорданов,

Миле Поп Јорданов за народ загина,

За народ загина за Македонија.

Или во друга песна.

Тој Питу Гули славен јунак беше,

Славно загина за Македонија.

Така опевајќи ја праведната борба за ослободување од разните окупатори, опевајќи ги хероите кои согореа во таа борба народниот пеач за секого посебно нагласува дека загинал за ослободување на татковината Македонија.

Толе војвода за народ загина,

за нашта слобода за Македонија.

Или во друга песна: „Тука ми Змејко загина,/ За нашта мила слобода,/ За нашта Македонија. Или: „Јас ќе погина за Македонија,/ За македонската слобода.“  Или: „Ми загинаа двајца војводи, / Двајца војводи за Македонија, /За македонската слобода.“ Итн.

Во повеќе песни пак се пее за јунакот кој во претсмртниот час посебно нагласува дека загинува како Македонец: „Јас сум Македонец, /Македонец ќе умрам.“

Впечатливо, но и трогателно делуваат повеќето песни во кои загинувањето на јунакот е опеано како свершувачка или женидба за Македонија. Особено овој мотив е присутен во песните што ја опеваат смртта на Гоце Делчев, онаа трагична вест што го потресе македонскиот народ. Во една од најубавите македонски револуционерни народни песни „Црна се чума зададе“, Гоце излегува на мегдан со црната чума зашто само тој  може да ја пропади „од жална Македонија“. Смртно ранет, во последното обраѓање кон дружината тој самиот ја дефинира својата судбина како свршувачка или женидба за Македонија.

Млад Делче ми се посврши,

За девојка Македонка,

За црната ропска земја,

Или во варијанта од оваа песна:

Син ти се бабо ожени,

За една мома Македонка,

За црна земја покривка.

Или во друга песна за истиот јунак загинувањето се опева како женидба: „за црна земја робинка,/ За жална Македонија, /за црна земја поробена.“

Но овој мотив го среќаваме поврзан и со многу други јунаци што се бореле за истата цел и што ги снашла истата судбина:

Максима го оженивме,

За црна земја македонска.

Во песната за Дончо војвода:

Дончо се младо посврши,

За мома Македонија.

Или во друга песна востаникот порачува: „Јас ќе се женам за црна земја,/ Јас ќе се женам за Македонија.“

На таа релација е и пораката од една песна од Народноослободителната борба:

Омажи се Маре, и јас се оженив,

И јас  се оженив за црната земја,

За црната земја за Македонија,

За Македонија земја поробена.“

На ист начин народниот пеач ја опева и смртта на Миле Поп Јорданов. Откако ќе констатира дека  „Миле Поп Јорданов за народ загина, /За народ загина за Македонија“.  И неговата смрт ќе ја опее како женидба за Македонија:

Неговите сестри црно завиени,

Свадба ќе прават брата ќе женат,

Брата ќе женат за Македонија.

Неговата мајка црно завиена,

Свадба ќе прави сина ќе жени,

Сина ќе жени за Македонија.

Во повеќето песни особено од револуционерниот циклус се опева саможртвата како единствен излез од настанатата положба, но и како последна можност животот да и се подари на татковината. Опевајќи ја херојската борба на Методија Петче и на неговите соборци во Кадино Село кога предадени и сардисани по нерамна борба со последните куршуми си ги одзеле животите за да не паднат во рацете на непријателот, народниот пеач нагласува дека тие ја исполниле заклетвата животот да и го подарат на татковината Македонија.

Живи не се дадоа

Клетва исполнија,

клетва за слобода,

За мачна Македонија.

На ист начин ќе постапи и Таки Даскалот кога во една борба од понов датум ќе се најде во иста ситуација:

Таки Даскалот жив не се даде,

Откачи бомба, над неа легна,

Самиот крвта си ја пролеа,

Младост премила за Македонија.

Меѓу песните што го опеваат името Македонија посебно внимание заслужуваат оние што се однесуваат на бајракот или на знамето. Во голем број песни се нагласува дека бајракот е македонски или дека е за народот македонски:

Тој развева црвен бајрак

За народот македонски.

Во други песни се повикуваат славните војводи Гоце и Јане: „Знамето ни да развее во Македонија.“ со нагласување на пораката дека „Македонско име нема да загине“. Во некои песни се опева знамето со написот „Смрт или слобода за Македонија“,                                               во други песни натписот на знамето го содржи тешкиот живот на народот, содржи поздрав или порака до војводата заштитник. И во песната „Темен се облак зададе“ орлето што лета пред облакот на крилата носи знаме со повик за борба против окупаторот:

Станвајте браќа не спијте,

Сос него да се биеме,

За славна Македонија.

Кога се има предвид ваквиот однос на народниот пеач кон името Македонија и толку честата застапеност на ова име во народните песни не е ни чудно што тоа често пати се среќава и како рефрен во песните:

Оган го гори Брезово, Македонијо,

Ордан со чета навлегол, Македонијо.

Или во друга песна „Дека се чуло разбрало, Македонијо, / Комити да се предадат, Македонијо, / На тија клети крвници.“

Треба да се спомене и тоа дека во народните песни Македонија е и „мачна Македонија“ и „пуста Македонија“ и жална и страдална: „Македонијо жална, била си страдална.“ Некогаш таа е и земја поробена: „Македонијо, земјо поробена“, па оттука е и „црна Македонија“ итн. Но од друга страна пак Македонија е опеана и како „славна Македонија“ и како „мила Македонија“, потоа „нашата Македонија“ но таа е и „мома Македонија“, а најчесто „мајка Македонија“. Се пее: „За тебе, мајко Македонијо“, потоа: „нашата земја убава, мајка Македонија“ итн., за во некои песни да биде наречена и прекрасна земја и рајска градина, онака како што народот ја чувствувал својата татковина за која се борел и гинел:

Оф мајко мила наша Македонијо,

Земјо прекрасна, рајска градино,

Рајска градино, наша Македонијо.

Имаме повеќе сведоштва дека повеќемина револуционери кон татковината се обраќаат како кон мајка, дури и прва мајка поважна и посакана од родената мајка поради што нејзе и го даруваат и животот. Во едно писмо до мајка си големиот револуционер Христо Узунов меѓу другото пишува: „Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.“

Македонската народна песна ги опела и страдањата на македонскиот народ во годините на ропство, насилствата, понижувањата: „Фурни се палат, железо се горат / На Македонци в уста им клават.“

Оттука се и многуте очајнички гласови што се слушаат по цела Македонија, како што е во песната, „Плачот на Македонија“ која што била многу  популарна во Битолскиот вилает особено по Берлинскиот конгрес:

Од врв Пирин Планина,

Очаен глас се чует,

Македонија плачет.

Но оваа песна не оставила, а да не ја забележи и рамнодушноста на Европа кон македонските страдања, ставањето на личните интереси над судбината на еден нанрод, поради што е испеана и тешката клетва:

Проклета и триж клета,

Да бидеш ти Европо,

Блуднице вавилонска.

Крвнице македонска.

Македонската народна песна пее за една јасно дефинирана цел на борбата, ослободување на Македонија по пат на вооружена борба и создавање на држава на македонскиот народ.

Со потера бој ќе правиме,

За наша ради Македонија,

За неја ние ќе умреме,

За неја крв ќе пролеаме,

Македонија мила, наша пак ќе биди.

Или во друга песна:

Славни Македонки венци виткает,

Венци виткает за Македонците,

За Македонците, за Македонија;

Да си не ние Македонија преземеме,

Да не му ја дајме на Секому,

Самите ние да си ја повеламе.

Така додека историјата ги опишува и толкува настаните, народната песна е сведоштво за духовната историја на макеоднскиот народ, за неговите расположенија, страдања, за неговите желби, очекувања, за неговиот душевен однос кон историските настани.

Како што може да се види народниот пеач имал посебен однос кон името на својата татковина – Македонија. Прифаќајќи го и афирмирајќи го ова име македонскиот народ низ вековите се идентификувал со него, го чувствувал како дел од себе си, изградил еден, би рекле, религиозен однос кон него вградувајќи ги во тоа име и своето минато и својата иднина.

(Текстот е објавен во списанието на Институтот за македонска литература „Спектар“ бр. 77 од 2021 година.)