Брзото ширење на сојот омикрон на коронавирусот и зголемениот број на реинфекции се загрижувачки, предупредуваат лекарите.
Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје во изјава за Канал 5 вели дека засега со сигурност се знае дека омикрон е позаразен од досегашните варијанти на вирусот.
„Првичните податоци се многу охрабрувачки, затоа што говорат за намален процент на хоспитализација и за намален процент на потреба од кислородна поддршка – се смета дека само десет проценти од оние коишто ќе бидат хоспитализирани, имаат потреба од кислородна поддршка, што е добра вест. Меѓутоа, сето ова не треба да нѐ залажува и да сметаме дека имавме среќа со појава на една ваква варијанта, баш поради нејзината поголема преносливост, ќе имаме голем број на позитивни случаи, а со тоа и поголем број луѓе во болниците и оптоварување на здравствениот систем“, вели д-р Мехмедовиќ.
Тој додава дека луѓето кои ќе имаат силен клеточен имунитет, кој се создава преку процесот на вакцинација и со прележувањето на болеста, веројатно нема да имаат тешка клиничка слика, да мораат да бидат примени во болница или да имаат смртен исход.