Подготвил: Дарко ЈАНЕВСКИ

Идејата дека Исус никогаш не умрел на крстот може да се најде во Куранот, кој е напишан во седмиот век. Ахмадија муслиманите тврдат дека Исус, всушност, побегнал во Индија. Наводно до денес има олтар што го означува местото на неговиот гроб во Сринагар, во Кашмир.

На почетокот на 19 век, Карл Бахрт, Карл Вентурини и други се обиделе да го објаснат воскресението посочувајќи дека Исус само се онесвестил од исцрпеност на крстот или дека некој му дал некаква дрога поради која изгледало дека е мртов, а подоцна оживеал во услови на студениот, влажен воздух во гробот.

Теоретичарите на оваа заговорничка идеја ја поддржаа оваа хипотеза истакнувајќи дека дрогата всушност била она малку течност што на сунѓер му била дадена на Исус додека бил на крстот (Марко 15:36) т.е дека Пилат изгледал изненаден од тоа колку брзо Исус им подлегнал на раните (Марко 15:44). Според тоа, повторното појавување на Исус не е чудесно воскресение, туку само среќно оживување, а дека неговиот гроб бил празен бидејќи Исус продолжил да живее.

Иако еминентни научници ја отфрлија оваа таканаречена теорија на несвестица, сè уште се појавува во популарната литература. Во 1929 година, Д.Х. Лоренс ја изнел оваа тема во кратка приказна во кој укажал дека Исус побегнал во Египет, каде што се заљубил во принцезата Изида. Во 1965 година, бестселерот на Хју Шонфилд „Велигденски заговор“ (The Passover Plot) тврдеше дека само неочекуваниот убод во телото на Исус од римскиот војник Лонгфилд го расипал сложениот план да избега од крстот жив, иако Шонфилд признава: „Ние никаде не тврдиме … дека (книгата) го пренесува тоа што навистина се случило.“

Хипотезата за несвестица повторно се појави во книгата „The Jesus Scroll“ на Донован Џојс од 1972 година која според експертот Гари Хабермас, „содржи уште поневеројатна серија описи од тие на Шонфилд“.

Во книгата „Света крв, свет грал“ од 1982 г. се додава пресвртот дека Понтиј Пилат бил поткупен за да дозволи Исус да биде симнат од крстот пред да умре. И покрај тоа, авторите призна: „Не можевме – и сè уште не можеме – да ја докажеме точноста на нашиот заклучок.“

Во 1992 година, малку познат академик од Австралија, Барбара Тиринг (Барбара Тиеринг), предизвика возбуда со оживување на теоријата на несвестица во својата книга „Исус и загатката на свитоците од Мртвото Море“ која ја претстави со многу внимание угледен американски издавач.

Д-р Александар Метерел во книгата “Исус Христос“ објаснува зошто сите овие теории не можат да опстојат. Тој стекнал медицинско образование на Универзитетот во Мајами во Флорида, и докторирал на Универзитетот во Бристол, Англија. Тој бил консултант во Националниот институт за срце и бели дробови и крв во Националниот институт за здравје во Бетесда, Мериленд, потоа поранешен истражувачки научник кој предавал на Универзитетот во Калифорнија и уредник на пет научни книги, а пишувал за списанија почнувајќи од „Воздухопловна медицина“ до „Scientific American“.

Еве како Метерел ги објаснува настаните околу Исус.

Ако се сеќавате, на челото на Исус се појавуваат капки крв уште при молењето во Гетсемановата градина. Тоа е позната медицинска состојба наречена хематидроза. Не многу често, но тоа е поврзано со висок степен на психолошки стрес. Она што се случува е дека големата нервоза предизвикува ослободување на хемикалии кои ги уништуваат капиларите во потните жлезди. Како како резултат на тоа, има слабо крварење во овие жлезди, а потта станува измешана со крв. Не зборуваме за голема количина крв; само многу, многу мала количина“.

-Ова придонело кожата да стане исклучително чувствителна кога следниот ден римски војник го камшикувал Исус. Се знае дека римските камшикувања биле крајно сурови. Тие обично се состоеле од 39 камшикувања, но често имало многу повеќе, во зависност од расположението на војникот кој камшикувал. Војникот би користел камшик од извиткани кожни ленти со метални топчиња вткаени во нив. Ако удрат во телото, тие топки предизвикаат длабоки модринки или контузии, кои би се претвориле во отворени рани од последователните удари. Во камшикот имало и остри делови од коски, кои го сечеле месото. Грбот би бил толку многу исечен што понекогаш би се гледал дел од рбетот поради длабоки пресеци. Камшикувањето било од рамењата надолу од грбот до бутовите. Било едноставно страшно, истакнува Метерел.

Историчар од III век, Евзебиј, го опишал камшикувањето со следните зборови: „Вените беа видливи кај жртвите, и самите мускули, тетиви и црева беа исто така јасно видливи’“.

-Знаеме дека многу луѓе би умреле од вакво камшикување и пред да бидат распнати. Во најдобар случај, жртвата би доживеала ужасна болка и би доживеалахиповолемичен шок, односно шок предизвикан од преголемо губење крв. Тоа произведува четири работи. Прво, срцето ја забрзува својата работа за да се обиде да ја испумпува крвта што ја нема; второ, крвниот притисок паѓа, предизвикувајќи несвестица; трето, бубрезите престануваат да произведуваат урина за да го задржат волуменот што останува; и четврто, личноста станува многу жедна затоа што телото бара течност за да може го замени изгубениот волумен на крв.

Тоа се случило и кај Исус, Тој бил хиповолемичен додека се тетерави по патот до местото на егзекуцијата на Голгота, носејќи ја хоризонтална греда на крстот. На крајот, Исус паднал и затоа  римски војник му наредил на Симон да му го носи крстот. Подоцна читаме дека на Исус му понудиле оцет. Поради ужасните ефекти од ова камшикување, нема сомнеж дека Исус веќе бил во сериозна, дури и критична состојба, уште пред клиновите да бидат заковани низ неговите раце и нозе.

Кога дошле на Голгота, тој бил легнат, а рацете му биле заковани за хоризонталниот дел од крстот. Овој крак од крстот бил наречен патибулум, и во тој стадиум од распнувањето е одвоен од вертикалната греда која веќе била трајно поставена во земјата. Римјаните користеле зашилени клинови долги 12,5 до 18 см. Клиновите ги прободувале зглобовите и не оделе низ дланките како што е прикажувани низ вековите на разни слики. Ако клиновите се пробивале низ дланките, неговата тежина би предизвикал расцепување на кожата и тој би паднал од крстот. Затоа рацете биле прободувани кај зглобовите. Исто така, важно е да се разбере дека клинот би минувал низ местото низ кое поминува медијалниот нерв, кој би бил прекинат од клинот што би бил закован.

Болката би била апсолутно неподнослива. Всушност, не постојат зборови што можат тоа да го опишат. Потоа Исус бил подигнат, додека хоризонталната греда била врзувана за вертикалната, а потоа низ нозете на Исус би биле заковани нови клинови. Повторно, нервите во стапалата би биле смачкани и повторно би се појавил сличен тип на болка. Дополнително, сега неговите раце се биле испружени. Тоа е нова позиција во која доаѓа тоа што конечно и го одзема животот на распнатата жртва, бидејќи тоа е главното во определувањето дали смртта може да се лажира или да се избегне.

Значи кога човек виси во вертикална положба, тој бавно ќе умре во агонија од задушување. Причината е што притисоците врз мускулите и дијафрагмата ги ставаат градите во положба за вдишување; во основа, за да издиши човек мора да се подигне на стапалата за да се намали притисокот врз мускулите за момент. Притоа, клинот го кинел стапалото се додека не се доведе во стационарна положба за тарзалните коски.

Откако ќе успеал да издиши, распнатиот за момент ќе можел да се опушти и повторно да земе воздух. Но, веќе во следниот момент мора да се поткрене за да издиши, гребејќи го својот крвав грб од грубото дрво на крстот. Ова би продолжило се додека не дојде до целосна исцрпеност и личноста повеќе не може да се подигне и да дише. Како што човекот го успорува дишењето, тој паѓа во состојба наречена респираторна ацидоза – јаглерод диоксидот во крвта се раствора и се претвора во јаглеродна киселина, која ја зголемува киселоста на крвта. Ова на крајот води до неправилни отчукувања на срцето. Всушност, со срце што нередовно чука, Исус би знаел дека е пред моментот на смртта. Затоа можел да каже: ‘Татко! Во твоите раце го предавам мојот дух.“ Потоа починал од престанок на работата на срцето.

Дополнително, и пред ова хиповолемичниот шок би предизвикал континуирано забрзано чукање на срцето што би довело до престанок на неговата работа. Всушност тоа би резултирало со акумулација на течност во мембраната околу срцето, која се нарекува перикардна ефузија, како и околу белите дробови, што се нарекува плеврален ефузија. „Зошто е тоа значајно? Поради тоа што кога римскиот војник го прободел Исус, веројатно тоа била неговата десна страна, копјето веројатно поминало низ десното белодробно крило и влегло во срцето. така што кога ќе се извлече копјето, протекла чиста течност, како вода, придружена со големо количество крв, за што сведочи очевидецот Јован. Јован веројатно не знаел зошто видел и крв и бистра течност како протекуваат, но сепак описот на Јован е во согласност со она што современата медицина би очекувала. Така што нема дилеми дека Исус не можел да го преживее распнувањето, ниту смртта би можела да се лажира. Посебно то римските војници биле мајстори за убивање. Тоа им било работа. Тие не оделе во медицински училишта, но сосема сигурно знаеле кога еден човек е мртов.

Дополнително, дури и да преотрпоставиме дека преживеал, тој би бил толку болен, во толку очајна телесна и физичка состојба, што не постои начин да ги инспирира своите ученици да тргнат по неговиот пат. Но, не постои начин еден човек да го преживее распнувањето. Едноставно не постои.