Д-р Мич РАЈС
Денеска зборуваме за тоа кој висок крвен притисок е навистина премногу висок. Ако сакате да ги заштитите срцето, мозокот и вашата независност како што стареете, мора да разберете што навистина значат бројките на вашиот крвен притисок.
Но, тука е проблемот. Повеќето луѓе, особено постарите, немаат поим кои бројки треба да ги загрижат. На некои им велат: „Тоа е нормално за вашите години.“ На други: „Веројатно треба да додадеме уште еден лек.“ А многумина остануваат да се прашуваат, дали оваа бројка е опасна или не?
Јас сум д-р Мич Рајс, специјалист по семејна медицина. Во денешното видео ќе ви објаснам точно колку висок е премногу висок крвен притисок. Ќе зборуваме на кои бројки треба најмногу да внимавате, особено по 60-тата година, и како да препознаете кога резултатите бараат реакција, а не паника.
Што порано се сметало за „нормално“?
Една од најчестите работи што ги слушам во ординација звучи вака:
„Друг доктор ми вели дека притисокот ми е висок и сака да ми додаде уште еден лек, но јас не се чувствувам лошо. Искрено, не сум сигурен дека е навистина потребно.“
И целосно ја разбирам таа дилема, затоа што вистината е дека крвниот притисок не е црно-бела работа, особено како што старееме.
Со години медицината испраќаше многу измешани пораки. Во еден период докторите учеа правило според кое нормалниот систолен притисок бил „100 плус возраста“. Значи, на 80-годишен човек со притисок 180/90 некогаш му велеле дека тоа е нормално. Денес знаеме дека таквиот начин на размислување отишол предалеку.
Но и другата крајност, агресивно лекување на секој малку покачен притисок, исто така не е секогаш правилна.
За да разбереме зошто, треба малку да забавиме и да објасниме што навистина значат бројките и како крвниот притисок се однесува во реалниот живот.
Што навистина значат бројките на крвниот притисок?
Секое мерење на крвниот притисок има две бројки и тие мерат два различни моменти.
Горната бројка е систолен притисок, притисокот во артериите кога срцето се стега и пумпа крв. Тоа е највисокиот притисок. Замислете го како бран што удира на брег.
Како што старееме, артериите природно стануваат малку поцврсти. Затоа е многу често, а често и нормално, горната бројка со текот на времето да се зголеми.
Долната бројка е дијастолен притисок, притисокот кога срцето се опушта меѓу отчукувањата. Тој ја покажува постојаната „позадинска“ напнатост во крвните садови.
Двете бројки се важни, но не значат исто и не се однесуваат на ист начин.
Колкав систолен притисок е ПРЕМНОГУ висок?
Да разгледаме кои бројки се сметаат за високи.
За систолниот притисок:
- Под 120 е оптимално, но не секогаш достижно.
- Од 120 до 129 е сосема прифатливо.
- Од 130 до 139 често е разумно кај постари лица, особено ако се чувствуваат добро.
- Од 140 до 149 бара внимание, но не секогаш и лекови.
- А 150 и повеќе во состојба на мирување, тоа веќе треба сериозно да се сфати.
Систолен притисок во 130-тите или дури ниски 140-ти, особено кај лице над 60 години кое се чувствува добро и е активно, не е итен случај.
Важно е колку често се појавуваат тие вредности, колку се високи и во какви услови се измерени.
Колкав дијастолен притисок е ПРЕМНОГУ висок?
За дијастолниот притисок:
- Под 80 често е идеално.
- Од 80 до 85 е многу често и обично е во ред.
- Од 85 до 89 веќе би сакал да го следам со текот на времето.
- А 90 и повеќе во мирување заслужува внимание.
Дијастолен притисок што постојано е висок во мирување создава континуиран притисок врз артериите.
Колку висок притосок е навистина ПРЕМНОГУ висок?
Ако постојано имате вредности над 150 систолен и над 90 дијастолен, тоа за повеќето луѓе се смета за премногу висок притисок.
Но, најважниот дел што многумина го пропуштаат е дека овие мерења мора да бидат направени во состојба на мирување.
Единствениот начин навистина да знаете дали притисокот ви е висок е да имате точни и конзистентни мерења во мирување, во период од неколку недели.
Ако гледате 150 систолен среде ден додека сте под стрес, брзате или сте физички активни, тоа не е вашиот „вистински“ притисок. Тоа е реактивен притисок.
Времето и начинот на мерење се многу важни.
Пред секое мерење:
- Седете мирно најмалку пет минути.
- Стапалата нека бидат рамно на под.
- Грбот нека биде потпрен.
- Раката нека биде во висина на срцето.
- Не зборувајте.
- Мочниот меур нека биде празен.
Направете две мерења со една минута разлика и запишете ја пониската вредност.
Исто така, многу е важно да користите квалитетен апарат за мерење на надлактица, бидејќи многу апарати не даваат конзистентни резултати.
Мерењето правете го околу 20 минути по будење и навечер пред спиење. Така ќе имате две мерења дневно.
Проверувајте ги и двете раце во различни денови, еден ден десната, друг ден левата.
Правете го тоа една недела. Потоа пресметајте го просекот од тие 14 мерења. Тоа е вашата вистинска основна вредност.
Ако просекот е постојано над 150/90, особено ако сте над 60 години, тоа веќе се смета за премногу висок притисок.
Кај помлади луѓе, во 20-тите, 30-тите или 40-тите, овие бројки се пониски. Таму не би требало да гледаме систолен над 140 или дијастолен над 85.
Зошто е важно кога го мерите притисокот?
Крвниот притисок постојано се менува во текот на денот, зависно од околностите.
Ова е многу важно:
Крвниот притисок не е фиксна бројка. Природно варира во текот на денот, понекогаш и за 20 до 40 поени. Тоа е нормална физиологија, не болест.
Притисокот се зголемува со:
- движење,
- стрес,
- болка,
- возбуда,
- кофеин,
- студено време,
- па дури и со зборување.
А се намалува со:
- одмор,
- сон,
- смирено дишење,
- топлина,
- релаксација.
Затоа вредност од 145 напладне и 126 навечер можат и двете да бидат нормални.
Најважното е ова:
Не лекуваме поединечни скокови. Лекуваме шаблони што се повторуваат.
Јас лично имам притисок околу 120/80 во мирување. Но ако трчам по кучето низ дома и си ја удрам ногата, притисокот може да ми скокне на 150 систолен. И тоа е сосема нормално.
Затоа често внимавам пред веднаш да додадам лекови, особено кај постари пациенти.
Обично не брзам со нов лек ако:
- притисокот расте само под стрес,
- мерењата дома се нормални,
- вредностите паѓаат со одмор,
- лицето генерално се чувствува добро,
- постои ризик од паѓање,
- или има вртоглавици.
Во такви случаи, промени во животниот стил, подобар сон, намалување на стресот и движење често помагаат повеќе од дополнителен лек.
Кога ИНАKУ притисокот се смета за премногу висок?
Освен вредности над 150/90, има и други ситуации кога станувам позагрижен:
- ако притисокот не се намалува после физичка активност,
- ако закрепнувањето на притисокот е забавено,
- ако постои бубрежна болест,
- ако лицето имало мозочен удар или срцево заболување,
- или ако има симптоми како болка во градите, отежнато дишење или проблеми со видот.
Тогаш прагот за „превисок“ притисок е понизок.
Затоа што на крајот не ги лекувам само бројките, туку човекот пред мене.
Критично важно
Последна работа, и ова е навистина многу важно.
Ако имате притисок во 140-тите со 80-ти, но истовремено:
- постојано ви недостига воздух,
- побрзо се заморувате,
- имате болка во градите,
- или едноставно се чувствувате чудно, како нешто да не е во ред,
тогаш треба да се прегледате што побрзо и да не го одложувате тоа само затоа што бројките „не изгледаат толку страшно“.
Ако ништо друго не запомните од ова видео, запомнете го следново:
- Крвниот притисок се менува во текот на денот и тоа е нормално.
- Мерете го притисокот во мирување.
- Следете шаблони, не поединечни вредности.
- Не паничете ако неколку мерења се високи.
- Не секој покачен резултат бара лекови.
- Некои бројки се навистина превисоки, но многу од нив се само сигнал, а не итна состојба.
Кога го разбирате вашиот крвен притисок, добивате повеќе контрола, а помалку страв. И искрено, тоа е најважната цел.



