Што да очекуваме дека ќе биде „спасот” од корона: вакцина, некој лек, или едноставно да се прележа (стекнат имунитет)?

И веќе да имаме најдено соодветна вакцина, процесот што треба да помине до конечна имунизација на луѓето во задоволителен број е предолг, вели д-р Александар Митов.

„Треба прво да се одобри, односно пред тоа да ги помине сите процедури на тестирање, па масовно да се произведе, да се транспортира и на крајот да се спроведе вакцинација од здравствениот систем на секоја земја поединечно. Така, сите овие процеси, ќе земат најмалку една година од моментов и веќе да постои вакцина. А знаеме дека таа моментално не постои.
Затоа, сега ни се од исклучителна важност клиничките тестирања на веќе постоечките лекови. Еден од нив е хлорохинот“, вели д-р Митов.

Француските лекари ни даваат надеж

Хлорохинот се користи за лекување на маларија, ревматски и некои други заболувања, веќе со децении. Сега, неговата потенцијална употреба во борбата против корона вирусот станува извор на надеж за многумина. Тоа е особено засилено од охрабрувачките резултати добиени од почетните клинички тестирања во Франција, објавени пред некој ден. Иако се потребни повеќе клинички испитувања, на повеќе пациенти, првичните резултати се навистина охрабрувачки.

Универзитетската клиника во Марсеј, Франција спроведе клиничка студија на 25 пациенти со дијагностициран Covid-19 со хидроксихлорохин. Добиените резултати, по шест дена се следни. Само 25% од пациентите кои го земале овој лек сè уште го имале вирусот. Спротивно на тоа, 90% од тие кои не го земале хидроксихлорохинот продолжиле да бидат носители на корона вирусот.

Лекот е добро познат и ефтин

Поради добрата снабденост со лекот и неговата цена, повеќе аптеки во Франција информираат дека побарувачката е огромна, во последниве денови. Научниците велат дека не треба веднаш да гледаме на овој лек како на ,,чудото” кое ќе не спаси.

Многу е важно тоа што повеќе студии се во тек во повеќе земји. Меѓу нив е и Кина која што моментално може и повеќе да се посвети на клиничките испитувања. Речиси и да нема новозаболени, а има доста пациенти кои се опоравуваат, има капацитети, па и големо искуство со слични вируси од претходно. Лекот се употребува и кај терминални пациенти, односно пациенти кои се во особено тешка ситуација на доброволна база. Податоците од овие ефекти исто така ќе бидат од корист на истражувачите.

Оваа група на лекови секогаш се поврзува со лекувањето на новооткриените вируси. Тоа се должи, пред сè, на способноста на хлорохинот да го спречи поврзувањето на вирусот со рецепторите од надворешноста на потенцијалната клетка-домаќин. Ова претставува есенцијален прв чекор кој води кон заразување. Без него нема инфекција.

Во Кина се во тек испитувања на овие анти-малариски лекови, а некои резултати веќе се објавени

Уште пред објавувањето на надежната француска кличничка студија, Кинезите на 9ти март објавија истражување правено на овие лекови кое покажа исто така позитивни резултати. Имено, истражувачите од Универзитетот од Пекинг покажале ефективност на овие лекови во in vitro тестирањата – тестирања кои се прават во лабораторија на живи човечки клетки. Со хлорохинот, моментално, се прават и обиди да се помогне на повеќе од 100 пациенти, во повеќе од 10 болници во Пекинг и Гуангдонг провинцијата.

Постојат и несакани ефекти, но тоа е случај скоро со секој лек

Професорот и специјалист за маларија од Милано, Далесандро вели дека иако првичните резултати се охрабрувачки, треба да се внимава пред екстремно да се креваат надежите, имајќи во предвид дека вирусот е сосема нов и немаме доволно информации. Исто така, потребни се и поголем број на истражувања.

Додека траат овие истражувања и чекањето на вакцината (кое секако ќе потрае), единствено оружје против короната ни останува имунитетот и нашата свесност дека секој човек е потенцијален извор за зараза. Затоа, останете дома.

 

Извор: Д-р Митов