Aфионовото семе е позната намирница во далечната источна кујна, Пакистанска, Индиска итн. Нашата земја е позната по одгледувањето на многу квалитетен афион, дури тој е присутен на грбот на државата, како симбол. Сепак, во нашата кујна е малку подзаборавен, па дури и митологизиран во негативна смисла.

Во денешно време неговата примена е најголема во фармацевтската индустрија, поради некои негови компоненти. Уште од античко време познато било дејство на афион како седатив, но се користел и за многу други намени во традиционалната медицина.

Постојат најразлични видови во зависност од географијата, a кај нас најзастапено е црниот тип на афион. Најчесто се користи при замесувањето на леб и во правањето на разни други кондиторски производи.

Дали треба да ја вратиме навиката на почесто готвење со афион? Зошто?
1) Богата хранлива вредност

Афионовото семе, како и повеќето семиња, содржи висок процент на маснотии, но здрави незаситени маснотии, потоа содржи висок процент на протеини и помалку јаглехидрати. Исто така, микронутритивната вредност е особено богата.

Во 100g афионово семе се содржат:

– 525kcal
– 28,1g јаглехидрати – 9,8mg железо
– 18g протеини – 347mg магнезиум
– 41,5g масти – 6,7mg манган
– 19,5g растителни влакна – 870mg фосфор
– 82mcg витамин В9 – 13,5mcg селен
– 0,9mg ниацин – 7,9mg цинк
– 0,32mg пантотенска киселина – 1,6mg бакар
– 0,25mg пиридоксин – 1430mg калциум
– 0,1mg рибофлавин
– 0,85mg тиамин
– 1mg витамин С
– 1,77mg витамин Е
– 26mg натриум
– 719mg калиум
2) Aфионот може да ја подобри дигестијата

Афионовото семе содржи висока концентрација на нерастворливи растителни влакна кои можат да помогнат во здравјето на цревната микрофлора и со тоа на целокупната дигестија. Исто така, растителните влакна помагаат за подобра цревна перисталтика и на тој начин и во превенцијата и третманот на констипацијата или запекот.
3) Го зголемува нивото на енергија

Ова својство се должи на богатиот макронутритивен состав. Сложените јаглехидрати и мастите кои се во поголеми концентрации му даваат на телото поголеми количества на енергија на подолг период. Присутните растителни влакна пак, овозможуваат енергијата постепено да се апсробира.
Исто така, ова семе особено богато со калциум, ја помага и неговата апсорпција во телото. Нарушувањата на апсорпцијата на калциум во организмот можат да водат до чувство на замор.
4) Афионот може да придонесе за здравјето на мозокот

Мозокот има низа на нутритивни потреби. Тука спаѓа и потребата од повеќе минерали. Помеѓу нив се и минералите со кои е богато ова семе: калциум, железо, бакар. Тие играат значајна улога во регулирањето на невротрансмитерите и на тој начин допринесуваат за здравјето на нервниот систем и мозокот. Квалитетните маснотии кои се присутни во семето, исто така се значајни за здравјето на мозокот.

Некои истражувања покажуваат и позитивно дејство на афионовото семе на намалувањето на ризикот од когнитивни заболувања кои доаѓаат со процесот на стареење. Сепак, на ова поле се потребни многу повеќе истражувања.
5) Придонесува за здрави коски

Високата концентрација на калциум и бакар, минерали кои се многу важни за здравјето на коските, го овозможува благотворното дејство на ова семе на коските. Покрај витаминот D и витаминот K, калциумот е најважната компонента во метаболизмот на создавање на коските. Исто така, присутниот фосфор во афионовото семе, влегува во структурата на коските заедно со калциумот.

Манганот пак, е важен за продукцијата на колагенот, важен протеин во заштитата на коскените и повеќето ткива.
6) Може да помогне во регулирањето на крвниот притисок и здравјето на срцето

Олеинската киселина, присутна во афионовото семе преку одредени механизми може да придонесе за намалување на високиот крвен притисок. Знаеме дека тој е прв ризик фактор за повеќето кардиоваскуларни заболувања.

Афиновото семе содржи омега 6, но и омега 3 масни киселини. И двете придонесуваат за здраво срце. Омега 3 масните киселини се есенцијални за телото, односно тоа не може да ги произведе, па мораме да ги внесуваме со исхраната. Тие го намалуваат нивото на ,,лошиот” LDL холестерол во крвта и на тој начин го намалуваат ризикот од артеросклероза.
7) Можат да помогнат при несоница

Една студија за испитаници имала луѓе кои пиеле пијалок (чај од афион или друг напиток во кој е додадено семето) во кој се содржело афионово семе. Се покажало дека тоа може да ги намали нивоата на кортизолот во телото. Помалите нивоа на кортизолот водат кон смирувачки ефект и нивото на стрес полека опаѓа. Дополнително на ова, студијата покажала дека циркадијалниот ритам кај тестираните субјекти бил подобрен.
8) Може да допринесе за превенцијата од канцер

Едно истражување објавено во ТIME Magazine вели дека гените на афионовото семе даваат доста ветувачки резултати во развојот на некои третмани за канцер. Најветувачки е лекот носкапин. Првичните испитувања покажуваат инхибиторно дејство на главната супстанца од лекот на делењето на канцерогените клетки на простатата и дојката.

Друга студија пак, од Индија, укажува дека афиновото семе може да поттикне поголема активност на т.н. канцерогено-детоксифицирачки ензими наречени глутатион-S-трансферази за дури 80%
9) Афионот може да помогне за правилна функција на тироидната жлезда

Ваквото дејство се смета дека се должи на значителното присуство на цинкот во семето. Цинкот е неопходен за правилната функција на тироидната жлезда. Во некои делови од светот се користи и јодирано афионово семе, за да се надмине недостатокот од јод кој исто така е витален за функцијата на оваа жлезда.
10) Афионовото семе е добро за здравјето на кожата и борбата против хроничната инфламација

Aфионот има благотворно дејство на кожата и ги намалува хроничните воспалителни процеси во телото. Ова се должи на неговото силно антиоксидативно дејство. Афионот помага во третманот на дерматит и делува на подоброто навлажнување на кожата.
Ефектот кај дерматитот се смета дека се должи на линоленската киселина.

Позитивните ефекти на афионовото семе во третманот на акни и првут, но и стимулирачкото дејство на растот на влакната исто така е важно да се спомене.
11) Афионовото семе може да помогне во лекувањето на афтите во устата

Иако за ова дејство не постојат многу научни податоци, сепак искуствено е покажано дека афионовото семе може да помогне за полесното надминување на афтите во устата. Ова дејство би требало да се должи на разладувачкиот ефект кој го има афионовото семе, а е многу значаен во лекувањето на афтите. Едноставна мешавина од афионово семе, кокосово масло и шеќер може да биде ефикасно.

Извор: Д-р Митов