Постигнатите договори во комисијата за историски и образовни прашања за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски, цар Самуил, богомилството како дел од „заедничката историја“ = „бугарска“ … и идните договори за другите личности од македонската историја кои ќе се врамат во овој концепт и ќе станат „бугарски“ – се очекувано клучните позиции на Бугарија, рефлектирани во билатералниот протокол, вели на својот ФБ профил професорот Митко ПАНОВ.
Според него, ревизијата на македонската национална историја, со што се „бугаризира“ македонскиот народ и историски се делегитимира македонската нација, станува директен услов за преговори и членство во ЕУ!
Тоа ќе значи дека историски не постоел и не постои македонски народ, а оттаму не постои македонско малцинство во Бугарија. Но, затоа со протоколот и преговарачката рамка ќе има бугарски државотворен народ во Р. Македонија!
Само така Р. Македонија ќе влезе во ЕУ!, заклучува Панов.
Тој го постира и линкот до еден поширок текст на БГНЕС каде се опишани чекорите за бугаризација на Македонија и македонскиот народ, иако во заклучкот БГНЕС вели дека францускиот предлог не ги одразува во целост бугарските барања, што е тотална лага, бидејќи со предлогот само се поместува тајмингот на спроведување на бугарските уцени кон нас.