Смртноста од Ковид-19 во Македонија е загрижувачка затоа што здравствените власти немаат стратегија од почетокот на пандемијата алармираат инфектолозите. Д-р Жаклина Шопова од Инфективната Клиника за Алфа вели дека задоцнетото тестирање на пацинетите и нивното лутање од врата на врата во здравствените установи се само дел од проблемите кои ја доведоа земјата да биде на врвот на листата на земји со највисока смртност.Според д-р Шопова протоколи за лекување има ама нема едукација на здравствените работници од внатрешноста за да ги практикуваат протоколите.

„Сметам дека за намалување на смртноста стварно треба да се седне и да се направи добра анализа и да се најдат сите грешки, нас ни недостасува и медицински персонал. Не може вие да имате кревет, кревет сите имаме дома..кревет има по хотелите и каде сакате. Но ако немате човек кој што е обучен и може да му даде помош на пациентот тогаш што ќе ви е креветот. Затоа е битно она мапирање, за да знаете со колку активни медицински работници располагате, колку од пасивните може да ги вклучите, да имаше обид и се вклучија помладите лекари, но сепак затоа треба време и треба обука“ – вели д-р Шопова.

Во однос на вакцинацијата, инфектологот д-р Шопова смета дека не е логична одлуката да се вакцинираат оние кои прележале ковид пред само 45 дена.

„Нешто што мене многу ме иритираше и бурно реагирав е изјавата на министерот Филипче дека треба да се вакцинираат и оние кои што прележале и после 45 дена. Ве молам, значи после прележување на ковид вие вашиот организам има создадено имунитет, има луѓе кои не создаваат имунитет, тоа е факт, но заради тоа треба да постои и соодветно тестирање значи повторно ни недоставува дијагностика од страна на државата каде што вие треба да направите за одредена популација, дали треба да ја вакцинирате. А вие сега немавте вакцини, сакате да ги потрошите вакцините, па велите и тие што прележале после 45 дена да се вакцинираат“, изјави д-р Жаклина Шопова во „Што не јасно“ со Љупчо Цветановски.

За докторите особено важна е и пост ковид терапијата, а за жал, државата досега не мрдна со прст на ова поле. Затоа, бараат што поскоро да бидат отворени центри за пост ковид терапија, кои не се потребни само за пациентите, туку и за здравствените работници кои речиси две години неуморно се борат со вирусот.