Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека политиката на Србија кон Хрватска во иднина ќе биде заснована на принципот на реципроцитет и дека Белград ќе возврати со иста мерка доколу Загреп одлучи да го повлече својот амбасадор.
Се надевам дека разумот ќе надвладее и дека ќе продолжиме по патот на добрососедските односи, како што имаат зацртано претседателите Колинда Грабар Китаровиќ и Александар Вучиќ. Но, доколку некој сака дипломатска војна, ќе добие дипломатска војна, изјави Дачиќ за таблоидот Информер.
Тој потсети дека Хрватите го прогласеле за непожелна личност министерот за одбрана Александар Вулин и дека Белград возвратил со реципрочна мерка.
Реципрочните мерки се вообичаена пракса во дипломатијата. Секаде тоа се работи. Секако, не сме задоволни со ова, но сме принудени на ваков чекор. Ние само реагираме, одговараме на нивните потези. Доколку дојде до нови непријателски чекори на Загреб, подготвени сме за реакција, вели Дачиќ.
Шефот на дипломатијата оцени дека „реципроцитетот е мајка на дипломатијата“ и дека тоа го прават и американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.
Говорејќи за можноста Хрватска да го закочи европскиот пат на Србија, Дачиќ оцени дека не е извесно Загреб во јуни да го блокира отворањето на новите преговарачки поглавја со ЕУ.