Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска потврди дека до крајот на годинава ќе ја посети Москва, каде што треба да се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров, јави дописникот на МИА од Белград.
-Нема да разговараме за ништо друго освен за нашите билатерални односи и за она што се однесува на мешовитиот Комитет и секако ќе се сретнам со мојот колега Сергеј Лавров. Кога може (унгарскиот министер за надворешни работи Петер) Сијарто да оди во Москва, зошто ние да не можеме, изјави Дачиќ во гостувањето на телевизија Хепи.
Дачиќ е копретседател на мешовитиот Комитет за соработка со Русија и посочи дека Србија му должи средба на Лавров затоа што не можел да дојде, а Никола Селаковиќ не отишол додека бил министер за надворешни работи.
Дачиќ додаде дека на 4 септември заминува во Џакарта, каде што ќе го потпише приемот на Србија во Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
-Ние аплицираме 10 години, секоја земја треба да даде согласност и тоа беше многу тешко. За нас е исклучително важно да имаме уште еден механизам за соработка, додаде Дачиќ.
Тој најави и дека претседателот Александар Вучиќ патува за Кина каде ќе учествува на Самитот „Појас и пат“.