Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, за понеделник, 1 август, ја свика конститутивната седница на новиот парламент, јави дописникот на МИА од Белград.
По конституирањето и верификацијата на пратеничките мандати, Народното собрание има рок од 90 дена да ја избере новата Влада.
На изборите одржани на 3 април, за пратенички места конкурираа 18 листи, од кои 12 добија мандати, што значи дека во споредба со претходното свикување на Собранието, на пратеничките клупите ќе има уште пет изборни листи.
Најмногу гласови освои пратеничката листа на Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, која освои 120 пратенички места во парламентот кој брои 250 пратеници.
На изборите се гласаше на 8.267 избирачки места, во избирачкиот список беа запишани 6.502.307 граѓани со право на глас, а гласале 3.806.050.
Неважечки ливчиња имаше 112.722, додека бројот на важечки ливчиња беше 3.693.328. Вкупно 12 изборни листи го надминаа изборниот праг од три отсто.