Новиот српски министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во две интервјуа денеска изјави дека Западот со својот некоректен однос ја турка Србија во прегратките на Русија, Кина и другите и дека не се сеќава ваквиот притисок врз Србија да бил посилен од 1999 година, јави дописникот на МИА од Белград.
Во интервју за денешен „Курир“ Дачиќ кажа дека „сите наши партнери во ЕУ и на Запад добро ја разбираат позицијата на Србија во однос на санкциите против Русија, која е многу специфична бидејќи не ни е лесно да воведеме санкции врз кој било“, оценувајќи дека е можно да се најде заеднички јазик и разбирање, но дека тоа нема да биде лесно бидејќи притисоците се се посилни.
-Не се сеќавам дека беа посилни од 1999 година, а знаете дека долго помнам. Мораме постојано да разговараме со партнерите во Европа и воопшто на Западот и тоа го правиме. Претседателот Вучиќ постојано е во тие разговори, а јас сега повеќе ќе се занимавам како министер за надворешни работи, рече Дачиќ
На прашањето дали Србија сè уште може да одолее на притисокот за воведување санкции кон Русија, тој рече дека тоа не е прашање „од вчера, тоа е тема од 2014 година, кога Западот ги воведе првите санкции против Русија“.
-И јас цело време зборувам за нашата силна позиција – нема да воведеме санкции затоа што сме единствените во Европа кои беа под санкции и тоа искуство не го посакуваме на ниту една нација. Се разбира, притисоците сега се многу посилни, а ние уште еднаш отворено им порачуваме дека сами ќе донесеме одлука, мерејќи го само нашиот и ничиј друг интерес. Еве осум месеци не воведовме санкции кон Русија затоа што добро знаеме дека не се во наш интерес. Ако нашите интереси, нашата економија и нашата политичка стабилност на кој било начин се загрозени ќе разгледаме други одлуки, но тие ќе бидат само наши одлуки и ниеден притисок тука нема да помогне, рече Дачиќ.
Дачиќ во своето второ интервју денеска за ТВ Прва рече дека Западот со својот некоректен однос ја тера Србија во прегратките на Русија, Кина и другите.
На прашањето дали Русија ќе разбере доколку Србија воведе санкции, тој одговори со прашањето – „Дали вие мислите дека некој би ви простил за нешто во меѓународната заедница “.
Тој рече дека е точно дека Србија е меѓу два притисоци, „очекувања“ од Запад и Русија, што според него не е чудно, бидејќи секој си ги гледа сопствените интереси.
-Русија верува дека Косово е преседан кој може да биде добар за секоја сепаратистичка територија во светот, а Западот дека тоа е sui generis што важи само за Косово и никаде на друго место во светот, рече Дачиќ.
Зборувајќи за Косово, тој рече дека Србија не може да се потпре на гласовите на Западот и праша дали треба да ја отсече единствената гранка на која се држи.
-Тоа што го велам е здрав разум. Им го кажав тоа и на претставниците на Америка – секој човек и животно се држат за една гранка додека не најдат друга. Дали вие сакате да ја пуштиме таа гранка преку бездната, а да не се фатиме за ниедна друга , изјави Дачиќ.
Зборувајќи за односот на Западот, тој рече дека „не се бара повеќе политичко решение за косовскиот проблем, туку само анестезиолошко, за да и биде полесно на Србија да ја проголта независноста на Косово“.
-Тоа е сосема погрешен пристап и не може да наиде на позитивен одговор од наша страна. Затоа Вучиќ тоа го презентираше на Советот за национална безбедност, ќе направиме се за да продолжи дијалогот, но не ни даваат простор и теми да се води дијалогот, рече Дачиќ.