Неосновани се руските обвинувања кон Велика Британија за тоа дека учествувала во нападите врз гасоводите „Северен тек 1 и 2“ и бродовите на руската морнарица на Крим, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи.

Обвинувањата се дел од стратегијата на Москва „да го оттргне вниманието од нејзината единствена одговорност во агресивната војна што ја води против Украина“, се наведува во соопштението на заменик портпаролот на Министерството.

Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека миноловец на руската Црноморска флота е оштетен во Севастопол, на полуостровот Крим, за време на напади со беспилотни летала. Според министерството, нападите биле извршени од Украина под водство на британски експерти.

Министерството тврди дека Лондон е одговорен и за нападите на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ во Балтичкото Море во септември.

Тие своите тврдења не ги поткрепија со никакви докази.

Велика Британија вчера ги отфрли руските обвинувања, соопштувајќи дека тоа се „лажни тврдења од епски размери“.

-За да го намали своето катастрофално однесување на илегалната инвазија врз  Украина, руското Министерство за одбрана прибегнува кон ширење лажни тврдења од епски размери, изјави портпаролот на британското Министерство за одбрана.