Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска оцени дека Резолуцијата на Европската Унија за изборите во Србија е политички памфлет кој не ги обврзува другите институции да постапуваат по неа, но дека останува горчливиот вкус дека Србија е извалкана, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој изјави дека постизборните потези на опозицијата се стратегија да се избегне признавање на „тежок изборен пораз“ и да се „извлече што поголем бенефит од уште една изгубена битка“.
-Изборите во секоја демократска држава се исклучиво внатрешно прашање и никој од надвор не може да се меша во нив. Ниту една држава која има минимум достоинство нема да го дозволи тоа, рече Дачиќ во интервјуто за весникот Курир.
По повод седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во САД, на која говореше и српскиот претседател Александар Вучиќ, Дачиќ рече дека тоа покажува оти Србија е почитувана на меѓународната сцена, дека нејзините ставови одекнуваат и дека се почитуваат дури и од оние кои ја поддржуваат Приштина најмногу.
-Србија постигна неколку многу важни работи, прво беше прифатено нашето барање за итна седница на Советот за безбедност, потоа успеавме да обезбедиме седницата да биде отворена за јавноста и на крајот со говорот на претседателот Вучиќ, го дадовме нашиот најубедлив аргумент во однос на ситуацијата на Косово и Метохија, кој никој не може да го побие, рече Дачиќ.
Тој изјави дека е свесен оти има земји од кои не може да се очекува да го променат ставот за прашањето за Косово и дека ако Србија не го крене гласот, тоа никој нема да го направи за неа.