Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека следната недела ќе биде исклучително тешка за Србија, бидејќи ќе има дополнителен притисок да воведе санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ говорејќи за ТВ Пинк, рече дека усогласеноста со надворешната политика на ЕУ не е единствениот проблем во односите на Србија со оваа организација, „туку дека има уште нешто друго“.
-Албанија се фали дека е 100 отсто усогласена со ЕУ и се чуди зошто не ги отвораат преговорите. Некои соседни земји добиваат само барања и веднаш ги спроведуваат. Тоа покажува дека нашиот проблем во односите со нив не е само усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, рече Дачиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот на РТС зборуваше за дополнителни притисоци врз земјата, како и вчера министерот за одбрана и лидер на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ, кој изјави дека „српскиот претседател на 22 август ќе биде на важен меѓународен состанок, каде поради тие санкции се очекуваат посебни напади врз него“.
Медиумите јавуваат дека Вучиќ утре, 21 и вторник, 22 август ќе престојува во Атина на неформална средба на лидерите на земјите од регионот, на која ќе присуствуваат и високи претставници на Европската унија и претседателката на ЕК Урсула вон дер Лајен, како и украинскиот претседател Владомир Зеленски.
Вучиќ денеска е во посета на Унгарија, каде имаше средба со унгарскиот премеир Виктор Орбан