Српскиот министер за надворешни работи,Ивица Дачиќ, на вонредна прес-конференција изјави дека на 27 јуни добил нота од страна на една држава дека ќе го повлече признавањето на независноста на Косово, но дека нема да каже која земја е во прашање се додека официјалната нота не дојде до најблиската српска амбасада.
Дачиќ го покажа документот за кој тврди дека е нота на една држава, која ја добил на имаил на 27 јуни, во која се наведува дека таа земја го повлекува признавањето на едностраната прогласена независност на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
– Не сакам да кажам која земја се повлече, до понеделник (властите во Приштина) нека се обидуваат да ја пронајдат, рече Дачиќ и вети дека ќе каже за која земја се работи кога официјалната нота дојде до најблиската српска амбасада, што се очекува да се случи во понеделник или вторник.
Дачиќ рече дека земјите кои го повлекуваат признавањето на независноста на Косово се подложени на голем притисок и дека, каде и да оди, одат и претставници на властите во Приштина. Затоа, на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, му порача во следните две или три дена да се обиде да дознае која е земјата која го повлече признавањето.
– Мислев да чекам две, три повлекувања на признавањето, и да ги објавувам сите заедно … Еве уште ја покажувам нотата, а земјата не е од Африка за Пацоли да се пресели на друг континент, рече Дачиќ, наведувајќи дека тоа е земја која има петпати поголема површина од Србија.
Дачиќ истакна дека во дипломатските односи постојат ноти како средство за комуникација, и дека ова е шеста нота за повлекување на признавањето на независноста на Косово која Србија ја има добиено.
– Јас ги молам да ми покажат други ноти ако ги имаат, кои се валидни. Секој може да напише писмо (…) Јас не твитам, јас ви ги покажувам дикументите. Нека покаже и Пацоли, порача Дачиќ.
Тој рече дека го „обиколил половина свет”, и дека во многу земји се чудат, не можат да ги најдат документите, и не знаат кој, кога и зошто го има признато Косово.