Просечната нето плата исплатена по вработен во декември 2019 година изнесува 26.836 денари, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, бележи раст од 4,1 отсто, а зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите транспорт и складирање за 12,4 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 12 отсто и градежништво за 11,9 отсто.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите стручни, научни и технички дејности за 9,3 отсто, информации и комуникации за 8,4 отсто и објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 6,8 отсто.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во декември 2019 година, изнесува 39 932 денари.
Како што е познато, бившиот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев на власт дојде со ветувањето дека во нивниот мандат ќе остварат просечна плата од 500 евра. Сегашната просечна плата, сепак, е далеку од ветената.