Комисијата за заразни болести размислуваат за воведување на задолжително носење заштитна маска на отворено, повторно ограничување на бројот на места за седење во угостителски објект и намалување на капацитетот на јавниот превоз, најави денеска министерот Филипче.
„Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период завршува. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора и натаму да делуваме за да го заштитиме здравствениот систем“, рече министерот.
За овие мерки се размислува откако бројките со коронавирусот почнаа да растат во септември, за што Филипче, рече дека состојбата се влошува, најмногу поради непочитување на мерките кои се во моментов на сила.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16867, бројката на оздравени пациенти е 14084, на починати е 705, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2078.
Во тек се анализи и планови за воведување евентуално на нови мерки за спречување на понатамошното ширење на вирусот. Наша стратегија и цел е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширење на вирусот. Целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движењето или мерки кои повторно би ја закочиле економијата и целосни би не затвориле во нашите домови, но доколку е тоа нужно тоа секако ќе го направиме, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека следните денови ќе информираат за новите мерки што се планираат согласно стратегијата која е развиена од Комисијата за заразни болести, а дел од мерките кои ги разгледуваат се задолжително носење на маска и на отворено, ограничување на бројот на лица по маси во угостителски објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни прослави и прослави на затворени, прецизен протокол за работа на угостителските објекти на затворено, односно во однос на бројот на посетители, дистанцата на седење, евентуално намалување на капацитетот на јавниот превоз.