Дарко ЈАНЕВСКИ

Додека сега се вртат телефони за да се види зошто почината од струшко не била примена на Инфективното одделение во охридската болница, постои еден друг сериозен проблем со овој случај кој ќе помине незабележано. Имено, жената била во контакт со заразениот лекар од Дебар пред прогласување на кризната состојба на 13 март. Според МЗ, била на гости, што значи, ако можела да патува од своето село во струшко до Дебар, била во релативно добра состојба.

По ова, таа и нејзиниот сопруг се нашле во домашна изолациа. Во ред. Но секогаш има едно „ама“, а во овој случај тоа е дека жената имала хронична белодробна болест. Во соопштението на Министерството не се наведува која е таа хронична болест, но која и да била, кај жена од 66 години, која живее во некое село за кое 90 отсто луѓето во Макеодниај не ни чуле, е доволен податок не за еден црвен аларм, туку за општа узбуна.

Мислите дека во селото некој навистина сериозно ја контролира ситуацијата со изолација? Свесни сте колку луѓе и до денешен ден не ја сфаќаат сериозно ситуацијата?

Настрана тоа, не е тајна дека не само Ковид 19, туку и обичниот грип, може за кратко време да предизвика таква инфекција на белите дробови, што за хронично болните нема веќе никаков спас. И за тоа не треба да си стручњак. Со Ковид 19, проблемот е таков, што според пулмолози кои дневно добиваат извештаи од болниците во загрозените центри низ светот, а посебно Европа, тој е шест пати посилен. При тоа, од класична и позната слика на белите дробови зафатени од инфекција, за сосема кус период, во некои случаи за само 72 часа, па дури и пократко, белите дрбови едноставно биваат уништени. И тоа што научниците и лекарите низ всетот се обидуваат да го решат, е зошто одеднаш, имунолошкиот систем кој до вчера релативно добро се носел со болеста, одеднаш, практично преку ноќ, свртува во друга насока. А, за толку кратко време, тврдат пулмолози, нема време, ниту има можност ефективно да се реагира. Тоа е и еден од главните проблеми во Италија – многу возрасни лица, истовремено хронично болни, ги држат под контрола во болница, и потоа, одеднаш се случува колапс.

Оттука, ваквите лица, кои биле во допир со заразен, а се хронично болни, во овој случај на белите дробови, плус со срцево заболување што ја комплицира приказната и згора на се и имаат висок притисок, би требало да бидат безмалку под постојан надзор дури и да немаат симптоми. Да не зборуваме за тоа дека било каков симптом кај овие лица, па дури и обично кивнување е знак за тревога од највисок степен, а дома, тие лица можеби и нема веднаш самите да му посветат внимание.

Наместо тоа, жената била оставена во домашна изолација иако нејзиниот организам бил темпирана бомба, барем од тоа што може да се заклучи од досегашните извештаи. Темпирана бомба која може да го разнесе половина село.

Но, драмата допрва доаѓа. Кога добила симптом, на 24 март, се јавила на матичен лекар и термин за тест за Ковид 19 и бил закажан по два дена, на 26 март. Но, матичниот лекар не направил ништо различно од тоа што му го наложуваат прописите, односно Протоколот на Институтот за јавно здравје кој е испратен до сите матични лекари за постапување.

Прочитајте го внимателно. За лица кои биле во контакт со заразен, за да се упатат на тестирање, се бара да се хронично болни и да изразиле симптом. И внимавајте, дури и во таа ситуација, на тестирање не се оди веднаш и итно со итен прием во болница, туку сето тоа оди преку „мој термин“.

Има дузина болести на белите дробови кои не трпат никаков „мој термин“. Во случајов, ние имаме лице кое е потенцијално заразено, кое има хронична белодробна болест, кое има срцева болест, кое е со висок притосок и кое може да биде соочено со напад на вирус кој може да предизвика инфекција која пак може да ги уништи веќе болните бели дробови за 72 часа, па и побргу. Тоа што жената е од некое село во струшко, не значи дека вирусот ќе се однесува поинаку отколку во Милано. А нашиот Протокол вели: „Оди на мој термин!“ Со што во случајов се изгубиле два дена. А потоа истиот Протокол вели „јави се болница“. И, Министерството за здравство соопштува дека матичниот лекар „веднаш препорачал хоспитализација“. Препорачал? Што значи тоа?Да оди самата? Со автобус? Со автомобил? Самата да вози, да застане на бензинска да стави бензин, да се напие кафе, да се поздрави со некој познат? Или се повикува итна помош?

Бог да ја прости жената! Ама сменете си го Протоколот, тој е човечки продукт, однесете го пациентот во болница, зошто катастрофа е во 2020 година да велиме „Убијте тог Ројтерса“ и да велите дека „до добивањето на резултатите, пациентката не била примена во болница“. Кога веќе тестирањето ви е толку пари, барем терајте до крај! И кога имате со пациент со симптом на Ковид 19, не му препорачувајте да оди в болница. Однесете го!

Е, да, кога сме кај тестовите, да се вратиме и на нивната сензитивност во случајот со Куманово. Таму имаше четири тестирања, две кај жената, две кај синот. Од тие четири тестирања, три беа негативни, а луѓето го имале вирусот. Овие тестови, односно PCR тестовите за вируси, според Пол Јагер, професор од Институтот за биоинженеринг при Универзитетот во Вашингтон (не е единствен, туку само еден од сите кои го тврдат тоа), се „златен стандард“. Доколку со нив се работи правилно. И тие тестови не грешат во три од четири. Тоа не е 99 отсто. Точно е дека при сето тоа, се јвуваат проблеми со овој непредвидлив вирус, кој има сведоштва, си игра понекогаш и со стручните лица во лабораториите, но сепак, три од четири е далеку од 99 отсто.