Владата во Дамаск денеска ја осуди евакуацијата на стотици членови на сириската невладина организација „Бели шлемови“ во Јордан нарекувајќи ја „криминална операција“ на Израел и неговите слуги.
Сирската Влада ги обвинува „Белите шлемови“, познати и под името Сириска цивилна одбрана дека се агенти на странски непријатели и оти соработуваат со бунтовниците против претседателот Башар ал Асад.
Членовите на организацијата и нивните семејства се преселија од Сирија во Голанската висорамнина окупирана од Израел, а потоа се префрлија во Јордан. Израел соопшти дека помогнал за нивното евакуирање на барање на американскиот претседател Доналд Трамп и други светски лидери поради опасност по животот на активистите.