Во канадскиот град Торонто, вооружен маж пукал движејќи се по улица, при што убил една жена, а ранети се 13 лица, меѓу кои и едно 9-годишно девојче, кое се наоѓа во животна опасност. Истрелите се случиле на прометна улица во т.н. грчка населба, северно од градскиот центар. Шефот на полицијата Марк Сандерс потврди дека напаѓачот починал во престрелка со полицајците на местото на инцидентот. Според некои извештаи, тој самиот пукал во себе.

Мотивот на напаѓачот не е познат, а полицијата вели дека се истражува во сите правци, вклучувајќи и тероризам. Повеќе очевидци велат дека вооружениот маж ладнокрвно поминувал по улицата и пукал околу себе. Некои го опишуваат како белец на возраст меѓу 30 и 40 години, облечен целосно во црно.

– Видов човек кој се движеше по тротоарот и пукаше во ресторанот Деметрес, вели еден сведок.

ТВ СиБиСи објави видео-снимено очигледно од прозорец, на кое се гледа човек облечен во црна облека како доаѓа по улицата, вади оружје и пука во осветлен објект.

Очевидци на социјалните мрежи испратија голем број фотографии и видеа, вклучувајќи и клип на кој што е прикажан човек, облечен во црно со торба на негова страна, како ги крева рацете пред него додека пука неколку истрели.