При израелските воздушни напади врз цели во Сирија загинаа три лица, а две други се повредени, соопшти денеска претставникот на сириската армија, бригардниот генерал Али Мајхуб.
Во изјава емитувана на сириската телевизија, Мајхуб додаде дека при нападите, изведени минатата ноќ, биле оштетени една радарска постројка, магацин со оружје и неколку системи за противвоздушна одбрана.
Тој не прецизираше дали меѓу загинатите и повредените при нападите има и ирански војници.
Претходно, Сирискиот центар за мониторинг за човековите права соопшти дека при израелските воздушни напади загинале најмалку 23 лица.
Според оваа невладина организација со седиште во Лондон, меѓу загинатите се петмина сириски војници, вклучително и еден офицер, како и 18 припадници на провладините паравоени сили.
Мајхуб во изјавата нагласи и дека сириската противвоздушна одбрана пресретанала „голем дел“ од израелските ракети.
Руското Министерство за одбрана, пак претходно, соопшти дека противвоздушната одбрана на Сирија уранала „повеќе од половината“ од ракетите што ноќеска ги истрела Изреал кон цели на сириска територија.
– Цел на нападите беа иранските вооружени сили, како и позициите на единицата за противвоздушна одбрана на сириската армија во близина на Дамаск во јужна Сирија. се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Израел денеска соопшти дека извршил напади врз цели во Сирија, кои се оценети како најжестоки од почетокот на сирискиот конфликт во 2011 година, како одговор на обидот за ракетирање на израелски бази на Голанската Висорамнина од страна на иранските сили стационирани во Сирија.
Министерот за одбрана на Израел, Авигдор Либерман изјави дека израелската армија ја уништила „речиси целата“ иранска инфраструктура во Сирија, додавајќи дека ниту една иранска ракета не погодила цели во Израел.
Тој додаде дека Израел ја известил Русија пред нападите согласно Механизмот за избегнување на судири меѓу израелската и руската армија во Сирија од 2015 година.