Дарко ЈАНЕВСКИ

Што за загинувањето на Гоце Делчев велат неговите соборци од тоа време, меѓу кои се и Даме Груев, Ѓорче Петров, Славејко Арсов, Михаил Герџиков? Може ли од нивните спомени, запишани од Љ. Милетиќ (штипјанец, кој бил најревносниот запишувач на сеќавањата на македонските револуционери и еден од најзаслужните што тие нивни спомени воопшто се запишани) да се извлече заклучок што всушност се случило во деновите пред 4 мај 1903 година? Дали навистина Делчев бил предаден, од кого и кои се причините за тоа? Приказната, се чини се врти околу решението на Солунскиот конгрес на ТМОРО за кревање на востание во Македонија и обидот на Делчев да ја спречи реализацијата на тоа решение. Даме Груев и Ѓорче Петров не се сомневаат дека станува збор за предавство. Даме Груев дури споменува и од кого е извршено тоа предавство, иако, се чини, неговата приказна не може да најде поткрепа. Зошто тоа е така? Но, да видиме што всушност тие самите кажувале за ова.

СЕЌАВАЊАТА НА ГРУЕВ

Во своите спомени, Даме Груев за настаните од тие денови вели:

‘Ме пуштија пред Велигден во 1903 година. Се вратив во Солун слободен. Затеков веќе донесено решение за востанието. Гарванов беше претседател на Централниот комитет. Ми ги објаснија причините за да се прифати тоа решение. За кревање на востание се изјаснил и Чернопеев. Струмичкиот претставник бил за, одринскиот, исто така. Луѓето, гурбетчиите, веќе се беа вратиле од Цариград, дома во Македонија, беше доцна да се премислуваме. Во Солун дојде Делчев. Изнесува приговори. Главно сметаше дека Серскиот санџак е сосем без оружје. Ние го утешивме со ветување дека ќе ни биде доставено потребното оружје преку специјални добавувачи. За тоа ќе го испратиме Гочев, се надевавме дека пак направо по море ќе бидат дотерани пушки од Грција, сметавме на една набавка од 1.000 пушки. Делчев се успокои. Тој тргна со намера да ја среди работата со канал за Св. Гора, од каде требаше да поминува оружјето за Серско и после да се врати во Кукушко, каде некои се беа изјасниле за врховисти. За неговото убиство узнав во Смилево, на Конгресот. Јас тргнав едно два дена по заминувањето на Делчев и се задржав во Битола едно два дена. Делчев бил поткажан во Броди и од касиеринот (благајникот).

Тоа се зборовите на Груев. Како што ќе видиме подоцна, има некои разногласија околу тоа дали се навистина било така како што Груев му раскажувал на Љ. Милетиќ. Спорно е дали навистина предавник можел да биде благајникот на Организацијата од Броди, бидејќки ова село, односно гратче, воопшто не се наоѓало на патот од Солун до Баница, па малку е веројатно дека некој благајник од такво место можел воопшто да знае каде ќе се движи Делчев. Ако тоа е така, тогаш прашањето е зошто Груев згрешил?

САРАФОВ. САНДАНСКИ И ГЕРЏИКОВ

Интересно е  што во своите спомени Борис Сарафов, еден од најконтроверзните членови међу првенците на ТМОРО во тоа време и личност кого македонската историографија долго време го имаше проскибирано, не кажува ниту збор за убиството на Делчев.

Ни Јане Сандански не е многу поречит за овој настан. Тој вели дека дознал за убиството во Софија и тоа е се од него. Нешто поопширен е Михаил Герџиков, човек задолжен за организацијата во Одринско. Во спомените, во врска со загинувањето на Делчев и неговите тоагшни релации со останатите членови на ЦК вели:

‘На крајот од април поголем дел од четата веќе беше во с. Гергебунар. Таму узнав за убиството на Делчев (беше убиен на 22 април), ни пишуваа од Софија… Тој беше мојот идол. Поради неговиот авторитет есента 1902 година ја напуштив Македонија и како полономошен на ЦК својата дејност ја пренесов во Одринско… Јас и Делчев бевме за терористичкиот начин на делување, а не за општо народно востание. Со него се договоривме да направиме обиди – атентати по пругата: тој во Ангиста, а јас во Синеклиј. И двата пункта беа во средината на турско и грчко население во Македонија и Одринско. Со тоа сакавме да го сочуваме бугарското население од пустошење, а Организацијата од растројство. Таквата тактика ги доведува во опасност четниците, додека пак востанието го изложува народот. Во тоа е суштинската разлика међу помеђу терористичкиот метод и методот на ЦК за општонародно востание.’

Понатаму, во своите спомени Герџиков уште еднаш се навраќа на убиството на Делчев и додава:

‘На 22 април 1903 година, Делчев беше убиен. Судбината отстрани една голема пречка во борбата да се спроведат решенијата на Солунскиот конгрес. Освен тоа, ЦК го придоби на своја страна Сарафов, а и Даме Груев. Последниот самиот попадна под влијание на првиот. Тој му допушти на Сарафов слободно да заседне во неговиот реон во Битолско, што го сметам за голема грешка на Даме. Неговото зближување со орудието на кнезот Фердинанд доведе до конгресот во с. Смилево, кој донесе решение востанието во З. Македонија да се подигне на 20 јули 1903 г. Од големите подвижни дејци, само Сандански не се приклони кон решението на Солунскиот конгрес.’

Тоа се зборовите на Герџиков. Од нив може да се заклучи следното: дека Гоце е во сериозен судир со членовите на ЦК кој далеку го надминал нивото што може да се сфати од сувопарните историски реченици со кои досега тој судир бил опишуван; дека тој го преферирал терористичкиот метод на војување, а не општо востаничкиот, затоа што сметал дека така нема да се постигне целта, а народот ќе доживее страдања; дека Даме Груев бил под влијание на Борис Сарафов; и клучната реченица на Герџиков дека судбината отстранила една голема пречка во борбата да се спроведе решението за востанието. Пречката е Делчев, а прашањето дали Герџиков навистина ја обвинувал судбината за тоа или мислел на нешто друго, Милетиќ не го расчистил. Како што тоа не го прави ни македноската историја која досега не дала дефинитвен одговор на прашањето за условите кои довеле до загинувањето на Делчев, па Михајло Миневски, во книгата 100 години ВМРО вели дека ‘се смета дека се работеше за предавство, што документирано не е потврдено’. Но, впечаток е дека Герџиков не е сосема искрен кога ги споменува прстите на судбината. Ако, таа не виновна, тогаш кој е предавникот и дали тој навистина е благајникот од Броди или можеби се наоѓа во редот на самиот ЦК, односно меѓу оние кои на чело со Иван Гарванов (ликвидиран во 1907 година заедно со Сарафов по наредба на Јане Сандански) биле упорни во идејата за кревање на востанието?

СЛАВЕЈКО АРСОВ

Илинденскиот војвода Славејко Арсов-Ресенски, роден во Штип 1878 (загинал 1905 г.), симпатичен, тивок и деликатен човек, како што го опишува Љ. Милетиќ раскажувал:

‘Кон крајот на декември во Солун се собрал Конгресот на кого битолскиот вилает го претставувал Лозанчев. Нас во Ресенско и лично мене со ниеден збор не не прашаа што мислиме за востанието. Не знаевме дури дека имало конгрес во Солун, мислевме дека е обично собрание… На Смилевскиот конгрес решението за востание од Солун се осудуваше… но моравме да се покориме… Прилепчани и крушевчани беа против востанието’ (на конгресот присуствува Карев, н.з.)

Причина за ваквиот став е слабото вооружување. Така, ресенскиот округ со кој раководел Арсов се сметал за еден од подобро подготвените, а всушност имал само 960 пушки. Охрид бил највооружен со околу 1.400 пушки. Кога се имаат предвид овие бројки и кога ќе се знае дека сите окрузи, вклучувајќи ги и тие што имале пушки, оскудевале во патрони, односно муниција за пушките, јасно е всушност зошто голем дел од нив биле против востанитеото и во крајна линија, зошто Делчев ја предводел таа линија. Но, интересно е токму тоа што го вели Арсов: ‘Моравме да се покориме’. Делчев бил единственот што според сведоштвата, не сакал тоа да го стори и се надевал дека ќе успее да издејствува поинаква одлука. Значи или откажување на решението за востание или негово преквалификување во борба во која ќе доминира тероризмот и партизанскиот начин на војување така како што тоа го замислиле со Герџиков – ненадејни удари врз турските сили, по можност таму каде што нема посериозна опасност за месното население.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Во оваа насока се и спомените на Ѓорче Петров, кој самиот си извел заклучок дека станува збор за предавство на Делчев, индиректно посочува и на причините за предавството, а предавниците ги лоцира во ‘шпиони блиски до нашите луѓе во Солун“. Еве што тој всушност раскажал откако Делчев кој бил со него во Бугарија, тргнал за Серскиот округ, а оттаму за Солун:

‘Тој дефинтивно беше разочаран од Матов и Татарчев и пред тргнување ме молеше да го задржам Пере и заедно да ги убедиме да не отидат предалеку. Таму, кажа, дека за решенија ќе се сметаат само тие што се донесени заедно со мене и со Пере. Беше разочаран и од солунските дејци и од Гарванов. Делчев тргна со силна желба да го види Груев, да размени мисли со него; во него уште имаше надеж, но замина загрижен за организацијата. Тој стигнал во Солун. Таму веднаш го оставиле сам со Даме, кој 2-3 дена го држел во една соба при себе и се мачел да му го разбие уверувањето против востанието.

Даме всушност само го зголемил неговото разочарување, како што Делчев се исповедал пред Перо Јаворов и други, со кои подоцна се сретнал во Серско. Тој дух на очајување се гледа и во едно писмо до мене во кое ми велеше дека ништо не може да се направи и дека ће отиде во Сертско ‘за да си го среди мислите’. Во Солун всушност му кажале дека тој има мисија да ги убеди другарите од Серско за востание и дека треба да го организира востанието таму. Поради тоа Делчев решил да свика конгрес на војводите. Јане Сандански беше испратил чета да го пресретне во Серско поле и да го одведе во планините.

Клучно е дека Делчев бил откриен во Солун и бил следен до Сер. Бившиот бугарски офицер, помакот, Тефиков, негов другар од военото училиште во Софија, тогаш началник на жандармеријата во Драмско бил задолжен од Солун, бидејќи го познавал Делчев, да го најде и да го убие. Штом Делчев го напуштил Сер, веднаш го открил. Селото Баница е час и половина од Сер. Во Солун не успеал да го фати, исто така и во Сер. Во Солун имало некои шпиони, блиски до нашите луѓе. Тоа се заклучува од следното. Во Солун се донесува решение за востание. Гарванов и Думев доаѓаат тука, а еден министер, не се сеќавам кој, ми кажа дека од турски заробеник, од турскиот комесаријат знаеле дека Гарванов и Думев ќе дојдат тука. И тие навистина дојдоа. Затоа, дозволувам да се заклучи дека предавството на Делчев било извршено во Солун. Јас бев тука кога слушнав за смртта на Делчев. Ужасно бев поразен. Ја криевме смртта извесно време.

Пред да загине, кај Делчев се беше развило едно расположение кон атентати. Јас тоа го толкувам како резултат на разочарувањето за иднината на организацијата. Тој со своето влијание веднаш создаде силно расположение во таа насока. Толку силно што Матов, Татарчев и другите не можеа да се спротивстават на тоа, а согласно решението од Солун требаше да дејствуваат. И јас не му го одобрував атентаторството, оставајќи ги атентатите за подоцна, кога востанието ће почне. Но, Делчев беше незадржливо вовлечен на тој пат, сметајќи ги атентатите за едно од средствата во нашата програма. Главно се воодушеваше од атентати извршени на мостови и железнички пруги. Под такво влијание, неколку чети заминаа. Освен Делчевата чета, друга замина за Одринско, трета за Скопско. Беа извршени неколку обиди, колку да докажеме дека се уште не сме способни за таа работа. Количеството од внесените бомби и динамит беше огромно, а резултатите ништожни. Просто, се покажавме неспособни’, раскажувал Ѓорче кој и подоцна не го сменил своето  мислење за предавството извршено од ЦК.