Судскиот совет има механизми да се бори против коруптивните дејствија, доколку ги констатира, но за тоа треба да има докази и факти, вели претседателката на Советот, Весна Дамева, посочувајќи дека тоа мора да им го овозможат граѓаните.

– Странките се тие кои можат да ни кажат дали одреден судија примал и земал мито, поткуп итн. Тоа досега, барем јас додека сум член на Судскиот совет, не било поткрепено со докази. Најчесто се тие паушални наоди и во случаи кога се паушални, Судскиот совет доставил известување до ЈО за да ги испита и провери таквите наводи, изјави Дамева.

Судскиот совет има донесено одлука за разрешување на судија поради коруптивно дејание, меѓутоа како што посочи Дамева, тоа е од поодамна и нагласи дека во наредниот период ќе преземе поригорозни мерки во насока на расчистувања на таквите дејствија и онаму каде што има законска надлежност ќе постапува, а во останатиот дел ќе ги процесира случаите до надлежните институции.

Како што повеќе пати е објавувано, бившиот премиер Зоран Заев, покрај другото, остана запаметен и по „историската изјава“ дека под негово раководство на реформското тело „судството го отворил како пупка“.