Ако човек има барем еден сон, тогаш има причина да биде силен, ќе каже писателката Санмао. Овој нејзин цитат честопати се истакнува по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Трите дами со кои разговаравме за Денот на жената потврдија дека имале сон, но и дека биле доволно силни и истрајни да го реализираат. А нивните животни приказни почнуваат уште од основното училиште, кога сите три одлучуваат детскиот сон да стане јаве во изборот на професијата.
Првите чекори во „машкиот свет“, како што често луѓето го нарекуваат, Бранислава, Билјана и Маја ги прават во средното полициско училиште. Денес со 25 годишна кариера зад себе, се на раководни позиции како началнички на сектори во Министерството за внатрешни работи. Согласни се дека без поддршката од семејството, професионалниот напредок не би бил можен.
-Првиот сегмент е желбата да се биде она што сакаме да го избереме како професија. Вториот сегмент е образованието и надоградбата во текот на кариерата и третиот и најважен сегмент е поддршката од семејството како клучен аспект, како и поддршката од колегите, вели Бранислава Стојчевски, началник на Сектор на меѓународна полициска соработка.
-Поддршката на семејството е клучна особено затоа што јас сум мајка на четири малолетни деца каде треба да се реализирам и на тоа поле, паралелно со функцијата началник. Нивната поддршка ми значи се’. За долгите часови кога не сум со нив, кога не можам да присуствувам на секој важен нивен момент. Нивното разбирање ми е од голема важност, истакнува началничката на Секторот за сообраќајни работи, Маја Арсовска Манов.
-Секогаш ја чувствував нивната верба во мене, дури и кога се сомневаа дали една жена може да изгради успешна кариера во полицијата. Тие ме научија дека со труд, посветеност и чесност можам да ги остварам своите цели, без разлика на пречките. Мојата кариера често значи долги работни часови, непреспиени ноќи и моменти кога треба да бидам отсутна од семејството. Но, тие секогаш имаа разбирање и колку и да е тежок денот, знам дека ме чекаат со отворени раце и со гордост во очите. Без нивната поддршка, секој чекор ќе беше потежок. Но, со нив зад мене, знам дека секоја битка – без разлика дали е лична или професионална, е веќе половина добиена, потенцира Билјана Сарагинова, началник на Сектор за полициски работи од општа надлежност.
Иако не е секогаш лесно совршено да се менаџираат обврските, велат дека балансот меѓу приватниот живот и кариерниот напредок е клучот за успех.
-Баланс мора да има. Но, морам да се реализирам и на двете полиња. Пожртвуваноста моја и во улогата на мајка и во улогата на началник си го зема своето, односно не можам да кажам дека е потребно да балансирам во смисла да бидам помалку активна во улогата на мајка од улогата на началник. Секако дека балансот мора да постои, вели Арсовска Манов.

-Полицијата не е само работа – тоа е повик кој бара 24/7 посветеност. Сепак, со добра организација и поддршка од семејството, успевам да најдам време и за приватниот живот. Вистинската посветеност кон професијата не значи запоставување на приватниот живот, туку пронаоѓање на рамнотежа меѓу двете. Балансот не е лесен, но е можен. Кога човек ќе успее да ја најде таа хармонија, тогаш не само што станува подобар професионалец, туку и подобра личност, смета Сарагинова.
-Улогите кои ги играме и на работа и во семејството мора да бидат избалансирани. Ова го гледам од аспект на двостран однос. Поддршка од страна на семејството да се извршуваат работните обврски, но и од страна на колегите и старешините во извршување на семејните обврски. Искрена да бидам семејството е тоа што повеќе давало поддршка, првенствено на почеток на мојата кариера, поддршка од моите родители да бидам дел од средното полициско училиште. Поддршка од страна на мојот сопруг и на моите две деца, како и од родителите на мојот сопруг, посочува Стојчевски.
Надминување на предизвиците се дел од нивните задачи, но предизвици има и во семејниот живот. Лични борби и цели во работата. Еве како гледаат на тоа, што тие сметаат дека било или е најголем предизвик за нив.
-Како жена во униформираната полиција честопати требаше да докажувам дека можам да бидам подеднакво ефикасна во оперативните задачи. Работејќи со искусни колеги учев нови тактики, ги подобрував вештините и градев авторитет. Како напредував со текот на годините, со секоја нова одговорност, стануваше јасно дека лидерството не се мери само со рангот, туку и со способноста да инспирираш, да донесеш вистински одлуки во критични моменти и да изградиш доверба во својот тим, ни открива Сарагинова.
-Најголем предизвик за мене е да го смириме сообраќајот. Сакам навистина да придонесам со идејни решенија да се намали бројот на сообраќајни незгоди особено со загинати лица. Сакам да придонесам за идните генерации на полициски службеници со нивната работа да придонесат за побезбеден сообраќај, да се зголеми сообраќајната култура на секое ниво. Предизвик е да продолжи разбирањето на моето семејство и во иднина за мојата пожртвуваност во работата, искрена е Арсовска Манов.

-Најголем предизвик за мене претставувале честите отсуства од дома, службените патувања, секогаш кога можеби имало потреба да бидам дома со моите деца, јас сум требала да бидам на некој службен пат. Некогаш и отсуства од родендени, од семејни прослави. Тоа за мене се најголемите предизвици со кои сум морала да се изборам за да може да функционира се во најдобар ред. Јас сама морам да се соочам со тие предизвици со цел да можам да кажам да, ова е тоа што морам да го направам сега, за доброто на моето семејство и за давање на еден одличен пример на моите деца за тоа како треба во животот да се борат за да ги исполнат своите желби, нагласува Стојчевски.
-Успехот во раководењето со полицијата може да се постигне само со докажување на професионализам, компетентност и посветеност. Неопходно беше постојано да се докажувам, да бидам трипати подобра, побрза и поснаодлива за да покажам дека професионалноста нема пол. Мојата цел не е само да го зачувам редот и мирот, туку и да мотивирам нови генерации жени да ја следат оваа патека – затоа што безбедноста не е прашање на пол, туку на способност, храброст и интегритет, додава Сарагинова.
На ниту една од нив, храброст и интегритет не им недостасува. Предрасудите дека не може да има успешни жени во наводно машкиот свет, ги побиваат со резултати, мудрост и стојат рамо до рамо со своите колеги.
-Професионализмот, амбицијата и посветеноста не познава пол. Во текот на мојата кариера се соочив со многу успешни примери на храбри жени кои се мотивирани и имаат пасија за да ја работат оваа полициска професија во таканаречениот машки свет. Голема храброст и мудрост се неопходни. Првенствено храброст да се започне оваа професија, да се избере професијата полицајка. Мудрост мислам дека е една од одликите кои ние жените малку повеќе ја имаме како карактеристика и се повеќе и повеќе е неопходна во аплицирањето во модерното полициско работење, вели Стојчевски.
-На крајот од денот сепак важно е колку ќе покажеш резултати, дали ќе одговориш на задачата, до кој степен. Воопшто не е важно машко или женско, туку се важни резултатите. Дали ќе се одговори на задачата, децидна е Арсовска Манов.
-Верувам дека храброста, знаењето и посветеноста немаат пол. Жените лидери успеваат да пробијат бариери, можат да донесат нови перспективи, модернизација на процесите, воведување на нови стратегии и подобрување на работната клима, сигурна е Сарагинова.

Во организациските единици на МВР, 58 жени се распоредени на раководни работни места. Нашите соговорнички испратија и порака до сите жени.
-Најпрво да им го честитам празникот 8 Март и да им кажам да не се плашат, да ги остваруваат своите соништа, да се стремат силно и со главата горе кон сите свои цели што ги замислиле и дека навистина можат да одговорат на секоја функција и позиција, вели Арсовска Манов.
-Оваа прилика ја користам да им го честитам празникот 8 Март на сите жени. Сакајте се себеси, ценете се и останете такви какви што сте, бидејќи сте најдобри, порачува Сарагинова.
-Секогаш да се стремат да го добијат она што го сакаат посветено работејќи на своето образование, надградба и добивање на поддршка од страна на најблиските, вели Стојчевски.
Жени, нека ви е честит Денот. Почитувајте се и докажете, пред се на самите себе, дека можете.
Извор: Курир