Во текот на вчерашниот ден во здравствените установи во Врање и Бујановац не беше можно да се добие официјална потврда или демант на информациите дека на југот на Србија е можно да се вакцинираат граѓани на Македонија и од Косово, дури и оние што немаат српски документи или престој на нејзината територија, јави дописникот на МИА од Белград.
Д-р Слаѓан Станковиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје во Врање, за белградскиот весник „Данас“ изјави дека вчера бил „бомбардиран со новинарски повици и мејлови од неколку редакции во Белград со овој проблем“.
-Право да се вакцинираат имаат граѓаните на Србија и тоа е она што го знам, изјави кратко епидемиолог од Врање.
Неофицијално, според „Данас“, вакцината во Здравствениот дом во Бујановац ја примиле само „оние граѓани на Северна Македонија со двојно државјанство“, како и дека „вакцинирани се само оние граѓани на Косово со важечки српски документи, најчесто со лична карта. “
-Невозможно е да се потврди дали имало злоупотреба на личните документи. Претходно, претседателот на општина Бујановац, Нагип Арифи, во изјава за печатот ги негираше обвинувањата за вакцинација на Албанци од Косово.
Во Врање може да се слушнат различни приказни поврзани со вакцинирањето на македонски граѓани, почнувајќи од фактот дека вакцинацијата се наплатува „70 евра по доза“, до употребата на „пасоши на српски граѓани што лекарите не ги проверуваат”. Проверката на овие тврдења вчера беше официјално невозможна за дописниците и на националните медиуми и на локалните медиуми.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, вчера за медиумите изјави дека во Србија нема масовна вакцинација на македонски државјани и дека граѓаните кои имаат двојно државјанство можат да ја примат вакцината во Србија.
– Луѓето од ИТ секторот на Владата на Србија, кои ја водат е-управата, строго се грижат за тоа. Приказните за масовноста на граѓаните од Северна Македонија кои се вакцинираат се дезинформација. Постојат луѓе кои имаат двојно државјанство, и тие навистина го користат тоа право, и јас не гледам тука ништо лошо. Постојат индивидуални случаи, но ова е занемарливо. Да се зборува за масовна вакцинација е дегутантно, изјави Ѓерлек.
Тој посочи дека постои група на странци кои се во фаза на добивање адреса на престој во Србија, така што образецот за пријава за ваккцинирање остава можност и тие да аплицираат.
-Досега се пријавени над 8.000 странци (со регулиран престој), а вакцинирани се околу 4.000 од нив, што е само 0,8 отсто од вкупниот број вакцинирани, изјави директорот на Канцеларијата за ИТ и е-управа, Михаило Јовановиќ.
МИА