Извозот на стоки од Србија во Русија во првите шест месеци од годинава е за 5,6 отсто поголем во однос на првата половина од минатата година, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика, јави дописникот на МИА од Белград.
-На прв поглед, ова не е голем успех, бидејќи вкупниот српски извоз од јануари до крајот на јуни е за 30 отсто поголем од истиот период минатата година, но ако се има предвид војната во Украина и падот на извозот за Русија во март и април, перспективата е малку поинаква, пишува дневниот весник Данас.
Само во јуни извозот во Русија изнесува 102 милиони евра и е за 30 отсто поголем во однос на истиот месец лани.
По одличниот почеток во првите два месеци, веднаш по почетокот на воените дејствија на 24 февруари, извозот на Србија во Руската Федерација доживеа пад кој продолжи во текот на март и април. Сепак, податоците за пет месеци веќе покажуваат дека извозот се вратил на нивото од истиот период лани, а дека забрзувањето ќе продолжи и во јуни.
Предраг Бијелиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, истакнува дека поради се поострите санкции на ЕУ, Русија бара алтернативни трговски партнери, а на Србија и користи и фактот што има договор за слободна трговија со Евроазиската Унија.
-Русите бараат нови патишта за снабдување поради санкциите на ЕУ, кои стануваат се поригорозни. Во првите месеци проблем за нашите бизнисмени беше превозот. Претходно, најголемиот дел од стоката за Русија одеше преку Украина. Мораа да бараат други рути, обично преку Полска и балтичките земји, но и таму имаше проблеми. На почетокот Полјаците забрануваа враќање на камиони натоварени со руска стока и слично, но требаше време да се воспостават нови рути, забележува Бијелиќ.
Тој потсетува дека Србија има договор за слободна трговија со Евроазиската унија, во кој Русија е главен партнер.
-Откако воведовме санкции кон Белорусија, се постави прашањето како ќе функционира извозот во Евроазиската унија, но за наша среќа, таа унија не функционира како ЕУ и засега не влијае на нашиот извоз во Русија, оцени Бијелиќ и додаде дека Србија не ги искори најдобро санкциите од 2014 година за значително да го зголеми извозот во Русија.
И други земји ги користат санкциите на ЕУ за да го зголемат своето присуство во Русија, како што е Турција која во јуни забележа раст на извозот од 46 отсто или дури 791,4 милиони долари на годишно ниво.
Од друга страна, увозот од Русија годинава експлодираше поради рекордните цени на гасот и нафтата, најважните увозни производи од Русија.
Во првата половина од годинава увезени се стоки во вредност од 1,4 милијарди евра, а во цела 2021 година увозот од Русија изнесува 1,5 милијарди евра.
Инаку, во споредба со периодот пред војната во Украина, трошоците за транспорт на стоки во Русија се зголемени повеќе од три пати, делумно поради поскапувањето на горивото, делумно поради многу подолгото патување, делумно поради значителното зголемен ризик, пишува Данас.