Повторно, како и со Законот за јазици, така и со Изборниот законик мнозинството грубо го злоупотребува европското знаменце и Комисијата за европски прашања, обвини денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, Драган Данев.
– Изборниот законик во Република Македонија никогаш не се носел без консултации со опозицијата и никогаш не се разгледувал на Комисијата за европски прашања. Овој закон нема никаква допирна точка со Комисијата за европски прашања и со усогласување на нашето законодавство со законодавствто на ЕУ. Токму затоа и на овој закон никаде нема наведено изворен акт со што се усогласува, изјави Данев.
Нагласи дека секогаш кога парламентарното мнозинство сака нешто да протурка набрзина и на мала врата го користи европското знаменце и Комисијата за европски прашања.
– Според логиката на Владата и парламентарното мнозинство сите држави во Европската унија имаат исти изборен систем, иста изборна комисија и ист изборен законик, а ние како држава само треба да го усогласиме со нивниот, што е апсурдно и смешно. Предупредуваме дека ваквото своеволно и неделовничко однесување, однесувајќи се како Собранието на Република Македонија да е приватна институции ќе има понатамошни последици за демократијата во земјава, посочи Данев.
Тој рече дека парламентарното мнозинство го приватизира Собранието и оти на СДСМ и ДУИ веќе им премина во навика да го кршат Уставот на Република Македонија, законите и Деловникот за работа на Собранието.
– Скандалозно, неделовнички и со двојни аршини е однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања. Во Собранието на Република Македонија не важи ниту едно правило, ниту една процедура, важи само волјата и желбите на СДСМ и ДУИ, рече Данев.