Селекторот на младинската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, денеска беше промовиран како нов тренер на Металург. Брестовац доаѓа на местото на Александар Јовиќ, кој го водеше тимот на Металург во минатата сезона.
Брестовац на пресот одржан денес се заблагодари на раководството на тимот за укажаната доверба и додаде дека очекува со многу работа, Металург да се искачи за едно ниво погоре.
– Не сум Дејвид Коперфилд па да дојдам со магично стапче и да направиме чуда. Можам да ветам дека во следниот период Металург ќе остане лидер во регионот по работата со млади категории. Знам дека ќе биде тешко да одиме ниво погоре, но мојата амбициозност ќе ми биде голем адут за да го направиме тоа, изјави Брестовац.
Целта, според него, е екипата да создава млади играчи, кои би заиграле во првиот состав, а потоа и би биле продавани во странство.
– Овде ќе има место само за оние што сакаат да работат, да се посветат на работата и да напредуваат. После три години ќе имаме можност да видиме што сме сработиле и што сме успеале да реализираме, додаде новиот тренер на Металург.
Новиот тренер на екипата од Автокоманда беше помошник на Ивица Обрван додека Хрватот ја предводеше сениорската репрезентација, а беше асистент и во Шамбери. Минатата сезона ја мина на клупата на шампионот на Луксембург, Ред Бој.