Фирми на фамилиите Мијалкови и Заеви се на топ листата на најголеми должници во Македонија, што ја објави Управата за јавни приходи (УЈП).

На оваа листа се најдоа 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 јули, а не ги платиле до 31 октомври. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Најголем должник е компанијата „Окитна Трејд“ од Визбегово која должи 648.650.841 денар по основ на ДДВ.

Втора е подружницата на чешката фирма со руски сопственик, „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 219.457.045 денари, односно над 3,5 милиони евра.

Трето е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра.

Следува „Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“ , со долг од нешто над два милиони евра односно 128, 5 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп„“ е во сопственост на „Бест Веј“ фирма на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова.

Пета како најголем должник е фирмата „Мил-Давит ДОО Скопје“, регистрирана во скопска Кисела Вода а шеста „Хотел Гранд ДООЕЛ Скопје“ регистрирана во скопската Општина Центар.

Меѓу најголемите десет должници е фирма на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи два милиони евра за ДДВ. Станува збор за фирмата „Абира Плус ДООЕЛ“.

Меѓу останатите најголеми должници се и , турската „Спектра Јеотек“, од Кратово, „Блек Си Метал Трејдинг“ од Скопје и Центарот за култура од Тетово, „Иљо Антески Смок“.