Властите во канадската провинција Квебек синоќа соопштија дека во наредните недели ќе воведат нов данок наречен „здравствен придонес“, само за граѓаните кои одбиваат да примат вакцина против Ковид-19.
– Работиме на нов данок за сите возрасни кои одбиваат да примат вакцина против коронавирусот бидејќи тие претставуваат финансиски товар за сите граѓани, рече премиерот на покраината, Франсоа Лего.
Лего додаде десет отсто од граѓаните на Квебек не примиле вакцина и нагласи дека останатите 90 отсто вакцинирани не треба да страдаат поради нив. Според него, тие десет проценти невакцинирани возрасни лица претставуваат 50 проценти од луѓето на одделенијата за интензивна нега во болниците.
Во Квебек, кој има околу осум милиони жители, во моментов се хоспитализирани вкупно 2.742 лица, а околу 255 луѓе се на одделенијата за интензивна нега.