Данска, богатата скандинавска земја која веќе има еден од најстрогите ставови за имиграцијата во Европа, денеска се подготвува да изгласа закон со кој ќе може да се формираат центри за азил надвор од Европа во кои барателите на азил ќе се остават на чекање до конечното решение за нивниот статус.

Со овој потег на социјалдемократската Влада, премиерката Мете Фредериксен сака да ги одврати мигрантите воопшто да доаѓаат во Данска. Во пракса тоа би значело дека некое лице треба да поднесе барање за азил лично на данската граница и потоа да биде пренесено во центар надвор од Европа каде што ќе го чека решението.

Доколку апликацијата биде одобрена, апликантот или апликантката ќе има право да живее во земјата домаќин, но не и во Данска.

Законот се очекува да го мине парламентарниот филтер без никакви проблеми бидејќи има поддршка од крајната десница, иако му се противат некои партии од левиот спектар.

Данска има репутација на една од најсреќните земји во светот, но во последниве години привлекува внимание и со својата стратегија за „нула бегалци“.

Целта на новиот закон е да се воспостави правна основа за трансфер на лицата кои бараат меѓународна заштита во Данска во трети земји. Доколку барањето е одбиено, лицето ќе мора да ја напушти земјата домаќин.

Досега, ниту една земја не се согласи да соработува со Данска, но владата објави дека преговара со пет до десет од нив. Официјално не е објавено за кои држави станува збор, но данските медиуми пишуваат дека станува збор за Египет, Еритреја, Руанда, Етиопија.

Данскиот министер за миграција, Матијас Тесфаје, претходно изјави дека овие земји „не мора да бидат демократии, како што ние ги гледаме, но се ќе биде договорено во согласност со меѓународните конвенции“.

-Новиот закон е пресврт од 180 степени за социјалдемократите на Мете Фредериксен. Со години данската популистичка Народна партија имаше монопол за антиимигрантската политика, но нивниот став во меѓувреме стана норма, вели политичкиот аналитичар Каспер Хансен.

„Ова е продолжение на таа политика, нешто како Доналд Трамп и неговиот ѕид“, додаде Хансен.

Пред две години, само 2.716 лица побарале азил во Данска, осум пати помалку отколку во 2015 година.

Иако иницијативата се одвива во Данска, таа предизвикува загриженост во меѓународната заедница. Според УНХЦР, „тоа е во спротивност на меѓународните принципи на соработка со бегалците “.