Ако не се спречи овој тренд на регистрирање клубови од страна на државата, ситуацијата ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат до недоглед, вели универзитетскиот професор, Борче Давитковски, кој беше гостин во Студио 10 на ТВ 24.
-Нашата држава мора да ги почитува интересите на граѓаните и да спречи отворање на здруженија со провокативни имиња и програми, истакна професорот.
Тој во гостувањето говореше за темата која се однесува на отворањето бугарски културни центри во земјава со имиња на контроверзни личности, кои предизвикаа огромни реакции во јавноста.
-Во насока на актуелните отворања на нови здруженија, како држава мора да покажеме заби и дигнитет. Мора да се почитуваат нашите закони. Уписот во регистарот на здруженија кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните, мора да се поништи. Оние кои ги одобруваат овие работи пред се мора да ги проверат името и програмата. Ако не се реагира од државата, има како печурки секаде да изникнат. Морам да напоменам дека сами се ставаме во непријатни ситуации. Доколку некој смета дека е ускратен да отовори организација со провокативни натписи, слободно нека се обрати Стразбург. Ние веруваме за македонската држава која треба да си ги штити интересите на нашите граѓани, вели Давитковски.
Давитковски, искажа став за формирањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, во Охрид. Рече дека уште референтот на филијалата на Централен регистар во Охрид не смеел да дозволи негов упис.
-По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети. Но уште тие на шалтерот на Централен регистар во Охрид, референтот требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис, смета професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Давитковски потенцира дека ако не се спречи овој тренд на регистрирање вакви клубови од страна на државата, тогаш како што истакнува тој, ситуацијата ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат до недоглед.