Дефанзивецот на Јувентус, Матаис де Лихт, одлучи да се пресели во редовите на италијанскиот шампион дури и пред разговорот со Кристијано Роналдо, изјави самиот тинејџер.
„Бјанконерите“ го објавија официјално привлекувањето на 19-годишниот дефанзивец во четвртокот, потпишувајќи со еден од најветувачките млади таленти во светот од Ајакс Амстердам за сума од 75 милиони евра. Холанѓанецот минатиот месец сподели дека ја прашал португалската ѕвезда Роналдо по финалето на Лигата на нациите за можно преминување во Торино.
– По финалето веќе бев сигурен дека сакам да се приклучам на Јуве … беше огромен комплимент за мене фудбалер како Роналдо да ме замоли да дојдам … но тоа не направи разлика. Разговарав со тренерот Маурицио Сари за да се запознаеме еден со друг. Тоа беше една од причините што дојдов тука – слушнав големи работи за него, ми се допаѓа неговата филозофија за играта и начинот на кој ја подготвува својата одбрана, изјави Де Лихт на првата официјална прес-конференција како играч на Јуве.
Де Лихт, кој го предводеше својот поранешен тим во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона, додаде дека не чувствува дополнителен притисок врз своите рамења, бидејќи станал еден од најскапите дефанзивци во светот.
– Тензијата е нормална во фудбалот. За мене лично, тоа не е проблем. Ќе покажам на што сум способен на теренот. Имам 19 години, имам многу да подобрам во мојата игра и сакам да го сторам тоа. Важно е да работите секојдневно и да учите – се надевам дека ќе станам подобар играч овде. Јувентус е голем чекор напред за мене. Во Холандија одбраната често ја изнесува топката напред и се брани високо на теренот. Во Италија, поскоро станува збор за зонско покривање и колективната одбрана – мислам дека Јувентус може да ми помогне и јас можам да му помогнам на Јувентус, заклучи талентираниот дефанзивец.