Во услови на растечки закани, Белгија за време на нејзиното претседавање со ЕУ во првата половина на следната година ќе стави силен фокус на продолжување на имплементацијата на Европскиот зелен договор и на заштитата на правата на ЛГБТИ+ заедницата, изјави белгиската вицепремиерка и министерка за граѓански услуги Петра Де Сутер во интервју за „Еурактив“.

Таа потсетува дека белгиското претседавање ќе се случува во периодот пред јунските избори за Европскиот парламент, па задача на Белгија ќе биде да ги заврши процесите на усвојување на повеќе законодавни регулативи, но ќе има можност и да ги постави темелите на новата конфигурација на Европската комисија.

– Ќе зборуваме за спроведувањето на Зелениот договор. За нас е важно следната Комисија да ја продолжи работата на сегашната Комисија и да не оди во сосема поинаква насока, изјави Де Сутер, додавајќи дека е свесна оти од повеќе нивоа во ЕУ и од земјите членки стигнуваат пораки за „забавување на зелената транзиција со цел да се заштити бизнисот“.

Сепак, според неа, евентуалното забавување на спроведувањето на Зелениот договор би претставувало „страшна грешка“.

– Секое евро инвестирано сега ќе спречи одлив на многу евра за справување со штетите во иднина, доколку не ги оствариме поставените амбиции. Знаеме дека ЕУ сака да ја зголеми својата автономија и да има своја индустриска политика, што е добро, но ние навистина сакаме таа да биде во согласност со Зелениот договор што Комисијата го иницира во 2019 година, додаде Де Сутер, која доаѓа од редовите на фламанската партија Зелени.

Според Де Сутер, Белгија за време на нејзиното претседавање со ЕУ ќе има „активна улога“ како посредник меѓу земјите членки, со што ќе може да влијание на изготвувањето на стратешкиот план на Европскиот совет за следните пет години.

Белгиската вицепремиерка смета и дека зелената транзиција на ЕУ треба да биде придружена и со социјална транзиција, бидејќи станува збор за „две страни на една паричка“.

– Неопходно е да се реши нееднаквоста за да се спречи жртвите на климатските промени да платат двојно поскапо. Владите навистина треба да воспостават силни социјални политики за да бидат сигурни дека никого нема да остават на страна. Не можете да зборувате за еколошки политики, ако не зборувате за социјални политики, додаде Де Сутер.

Таа најави и дека белгиското претседателство ќе се бори и за правата на ЛГБТИ+ лицата во сите области на политиката, дури и ако тоа прашање не е експлицитно на дневниот ред.

– Овие теми, кои се претежно во национална надлежности, можеби нема да бидат експлицитно на дневен ред, но мислам дека треба да ги вклучиме во секоја политика за која што ќе решаваме, изјави Де Сутер.

Тркалезна маса за правно признавање на родот во Северна Македонија денеска ќе се одржи на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Мак

Таа оцени дека правата на ЛГБТИ+ лицата се загрозени во неколку земји на ЕУ, како Италија, Полска, Унгарија и Словачка, како и дека некои членки се обидуваат да ги ограничат правата на припадниците на оваа заедница на „мала врата“. Според неа, тоа придонесува за „забавување и напади“ врз борбата за заштита на човековите и граѓанските права.

– Можам да кажам дека на одредени состаноци на совети кои беа од сферата на телекомуникациите, одеднаш одредени земји членки сакаа измени за да се редефинира што е семејство. Така може да биде насекаде. Може да биде на маса во секој момент и секаде. И не треба да дозволиме тоа да се случи, додаде таа.

Таа во интервјуто истакнува и дека соочена со „буџетски ограничувања“, Белгија го намалила бројот на планирани министерски состаноци, со што, според неа, земјата изработила „реална програма“ за претседавањето.

– Моравме да го намалиме бројот на неформални состаноци и средби што сакавме да ги организираме, бидејќи секој во својот ресор сакаше да направи многу работи. Белгија не е премногу лоша во ваквите работи и затоа се надевам дека ќе бидеме успешни во нашето претседавање, заклучи Де Сутер.

Инаку, за финансирање на своето претседателството со ЕУ, Белгија од владиниот Буџет одвои 100 милиони евра, а истовремено и го зголеми административниот персонал.