Не е исклучена можноста да биде преземена правна постапка доколку ЕУ реши да ги заплени замрзнатите руските средства депонирани во бриселската клириншка куќа „Еуроклир“, без притоа да ги прифати „рационалните, разумни и оправдани“ барања на Белгија, порача белгискиот премиер Барт де Вевер.
– Не може ништо да се исклучи. Доколку биде донесена одлука која, според мене, нема смисла затоа што е противзаконска и претставува значителни ризици за оваа земја, не може ништо да се исклучи, рече Де Вевер во изјава за белгиската државна телевизија ВРТ.
Тој не посочи кој конкретно би повел ваква постапка, нагласувајќи дека и самиот „Еуроклир“ би можел да иницира правна акција против таквата одлука пред Европскиот суд на правдата.
Де Вевер уште еднаш повтори дека Белгија не може сама да ги сноси ризиците од предлогот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. „заем за репарации“ на Украина за покривање нејзините финансиски потреби и за да се согласи на ваквиот план бара да бидат исполнети нејзините услови.
– Преговараме со Комисијата за да видиме дали предлогот може да се усогласи со минималните услови што ги постави Белгија, кои генерално беа оценети како рационални, разумни и оправдани, рече Де Вевер.
Според него, сега останува да се преработи предлогот на Еврокомисијата согласно белгиските барање, иако, како што вели, не е сигурен дека тоа ќе даде резултати.
– Покажана е голема добра волја. Но, помеѓу добрата волја и можностите да се направи нешто, постои јаз што сега треба да се премости, истакна Де Вевер.
Белгискиот премиер и натаму инсистира дека ЕУ може да најде и други опции за финансиска поддршка на Украина покрај заемот за репарации.
– Дефинитивно постојат и подобри решенија од кражба на парите на руската Централна банка. Тоа е драстичен чекор и мислам дека е многу неразумен и непромислен. Но, Европа прави повеќе работи што мислам дека се неразумни, додаде Де Вевер.
Според него, ако и натаму се инсистира на „неразумното“ користење на руските средства, Белгија ќе бара исполнување на одредени услови со цел да не се дозволи таа да го сноси целиот ризик од ваквиот потег.
Тој нагласи дека тие услови вклучуваат товарот за враќање на овие средства да не падне само на Белгија, доколку Русија побара да и бидат вратени, туку во тоа да бидат вклучени сите земји членки на ЕУ. Дополнително, споделување на товарот да има и за евентуален надомест на штета, што би можела да го побара Русија како дополнително барање покрај враќањето на целата сума на искористени замрзнати средства.
– Ако може да ги исполнат овие услови, ние ќе бидеме лојален партнер, додаде Де Вевер.
Инаку, планот за заемот за репарации за Украина беше разгледуван на вчерашниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) на кој на амбасадорите им бил поделен правен меморандум изработен од адвокатската фирма „Ковингтон и Барлинг“, во кој се оспоруваат аргументите на Белгија дека би можела да се соочи со „голема правна одмазда“ од страна на Русија.
Во документот од четири страници се наведува дека ризикот од судски спор е „минимален“, при што се тврди дека Русија нема да може да го оспори заемот за репарации пред Меѓународниот кривичен суд или кое било друго соодветно меѓународно судско тело.
Иако, Белгија не состанокот не отстапила од противењето на планот, сепак по него дел од амбасадорите во изјави за медиумите изразија надеж дека предлогот би можел да биде усвоен до крајот на неделата.
Дипломатски извори посочуваат дека во обидот да се убеди Белгија да се согласи на планот, ЕУ би можела да ја „предупреди“ дека може да добие ист третман како Унгарија, која веќе подолг период е „на тапет“ на европските институции.
За заемот за репарации треба да се расправа и на утрешното заседание на Корепер, а доколку и утре не биде постигнат договор, се предвидува и вонреден состанок на амбасадорите в недела.
Паралелно со ова, според најавите, амбасадорите во Корепер размислуваат и за идејата на Еврокомисијата да ѝ дадат „вонредни овластувања“ за да може ги задржи руските државните средства замрзнати на неопределено време.
Со ова би се избегнала потребата на секој шест месеци да се продолжува важноста на одлуката за замрзнување на руските суверени средства. Сепак, ваквото овластување не е многу поврзано со сегашната позиција на Белгија во однос на овие средства, туку пред сè со можноста во иднина некоја од земјите членки да стави вето на понатамошно продолжување на важноста на одлуката за нивно замрзнување.
Фото: Принтскрин




