Многу научници веруваат дека во Посланието до Филипјаните (2: 6-11), апостол Павле само пренесува, цитира ранохристијанска химна која го опишува Христовото воплотување и последователното возвишување како Господ.

Всушност станува збор за дебата меѓу научниците: дали тој дел кој со право се нарекува како Исусова химна, постоел пред Павле да почне да ги пишува своите писма, па тој само ја запишал Исусовата химна или таа е негово дело?

Научниците кои сметаат дека Фил 2:6-11 е рано христијанска химна, истакнуваат дека содржи богат речник, голем број поетски елементи и дека, со само една или две мали измени, тој дел, тие стихови, можат да стојат сами како независен состав.

Во прилог на тоа дека станува збор за ранохристијанска химна, научниците истакнуваат дека иако во овој дел станува збор за смртта и возвишувањето на Исус, не е споменато неговото воскреснување, што е централна тема во писмата на Павле (на пр. Рим 6: 1-11; 1Кор 15: 3-4), што укажува на тоа дека Павле не е автор на овие стихови, туку дека само го запишал тоа пто постоело, што циркулирало меѓу првите христијани. Самото воскреснување не е спорно во Фил. 2, 6-11, па овие редови можат да се земат само како уште еден прилог и доказ во таа смисла, наспроти тврдењата на скептиците но, едноставно воскреснувањето го нема, што, кога станува збор за Павле, е чудно ако тој би бил автор.

Наспроти тоа, научниците кои сметаат дека Павле е автор на овие редови и дека тој ја напишал „химната“ како доказ наведуваат дека и во други негови писма, кои не се спорни од аспект на авторството, се сретнуваат слични поетски каратеристики и богат и префинет речник, кој кај Павле, не е реткост. Такви се, на пример, редовите од позната „Ода на љубовта“ во Првото послание до Коринтјаните 13.

Сепак, овие научници не негираат дека „химната“ може да претставува посебна целина, но истовремено додаваат дека овие редови имаат вербална врска со некои други стихови во Посланието, како стихот од Фил, 2:3 („не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси“) или со Фил 2:12 („затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение“), што не би било многу веројатно ако Павле не е автор.

Но, ако химната во Фил 2: 6-11 навистина ја напишал Павле и со тоа веројатно ја раскажал својата верзија на Христовата приказна, зошто не се повикува на воскресението на Христос? Објаснувањето би било дека Павле раскажал само една верзија на Христовата приказна во која сакал да ја потенцира неговата Божја природа уште во Фил. 2:6 („иако беше во обличје Божјо…“), односно неговото небесно потекло, и да го потенцира неоговто враќање таму од каде дошол.

Ова не е позајмено од еврејските маченички приказни, туку од она што современиците на Павле би ги нарекле приказни за неговата трансформација, според кои едно божествено суштество усвојува човекова форма пред да се врати во својата првобитна возвишена состојба. Класичен пример на оваа приказна е едно од делата на Еврипид, во која богот Дионис се претставува пред публиката со овие зборови:

„Тука сум, имајќи изменета форма, од онаа на Бог во онаа на човекот“.

Павле користи идентичен јазик во Фил 2: „Иако тој беше во обличје на Бога … сам себе се понизи земјаќи обличје на слуга…“.

Овој речник, извонредно сличен на Фил. 2 може да се најде и во еврејските текстови, како што е животот на Адам и Ева, каде архангелот Сатана „земајќи форма на ангел“ и се јавува на Ева, приказна што Павле очигледно ја знаел: „зашто дури и сатаната се претвора во ангел“ (2Кор 11:14)

Но, која позиција тогаш е точна: таа на научниците кои сметаат дека Павле ја напишал химната или таа на тие кои сметаат дека тој само цитирал ранохристијанска химна? Аргументи имаат двете страни, а дебатата очигледно ќе продолжи. Нам, ни останува сепак да уживаме во „химната“ независно како настанала.

Автор: Пол ХАЛОВЕЈ, професор по класично и античко христијанство, САД;

Еве ја и самата „химна“ Фил. 2, 6-11:

6. Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога;
7. но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; +и по вид се покажа како човек;
8. Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.
9. Па затоа и Бог високо Го издигна и +Му даде име, што е над секое име,
10. та во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно,
11. и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.