По повод 8 Септември – Денот на независноста, 75 години од крајот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) и организирање на Шестата средба на децата бегалци, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ и Општина Штип денеска организираат настан во дворот на црквата „Св.Константин и Елена“ во населба Балканска во Штип.
На средбата ќе присуствуваат гости од државава и од соседните земји Албанија, Грција и Бугарија. Програмата ќе почне во 10.30 часот со свечен дел и ќе продолжи со културно-забавна програма.
Во организација на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, пак, денеска кај Катлановска Бања – Општина Петровец ќе се одржи традиционална средба.
-Средбата ќе ја одбележиме со собир и полагање цвеќе на споменикот кој го подигнавме во знак на сеќавање на загинатите и ранетите македонски борци од Егејскиот дел на Македонија кои се бореа против фашизмот од 1940 до 1945 и во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 против монархофашизмот во Грција за независна Македонија, соопшти Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје.
Собирот ќе почне во 10 часот пред Споменикот на платото на Катлановска Бања, каде цвеќе ќе положи делегација на Здружението Форум човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје и претставници на невладини организации, политички партии и други здуженија.