Ретки се земјите кои имаат мали проблеми со енергетската криза и затоа оваа зима ќе биде вистински предизвик за одговорните луѓе во енергетските компании. Од клучно значење за нашиот електроенергетски систем зимава е работењето на ТЕ-ТО Скопје, што се покажа клучно и во 2021 година.
Домаќинствата и јавниот сектор, пак, мора максимално рационално да ја користат енергијата и на тој начин да се остварат одредени заштеди кои ЕСМ ќе може да ги насочи кон индустријата, а треба и да се засили и максимално да се поедностави поставувањето на фотоволтаици на покрив, порачува во интервју за МИА, Александар Дединец, експерт од МАНУ во областа на енергетиката и животната средина.
Се наоѓаме пред една од најтешките зими во која европските држави се во т.н. трка за обезбедување на потребните енергенси. Според вас, дали нашата држава е подготвена за претстојната зима, поточно дали ќе имаме доволно енергенси и струја?
-За жал на ова прашање може да одговорат само луѓето од Министерството за економија и ЕСМ, затоа што тие ги имаат податоците за тоа колку точно количини на јаглен имаме и кои и колку енергенти можеме да увеземе по прифатливи цени. Она што можам јас да го кажам е дека ова ќе биде тешка зима не само за Македонија, туку за регионот и пошироко. Ретки се земјите кои имаат мали проблеми со кризата.
Надлежните уверуваат дека сите енергетски капацитети во земјава ќе бидат ставени во функција за да се произведе доволно количество на електрична енергија. Но, колку е тоа возможно имајќи предвид дека во енергетските капацитети не е инвестирано повеќе од 30 години?
-Електраните на јаглен почнувајќи од 2011 година, па се до 2021 година во континуитет го намалуваат своето производство на електрична енергија, па така ако во 2011 година произведоа околу 5600 гигават часови, а во 2021 година имаат произведено само околу 2100 гигават часови. Причините за ова се повеќе, почнувајќи од тоа дека ЕСМ со либерализацијата на пазарот не успеа да фати чекор со пазарот на електрична енергија, односно како се отвораше пазарот ЕСМ се откажуваше од тие потрошувачи и се насочуваше само кон потрошувачите на регулираниот пазар. Една од причините за намалувањето на производството е тоа што нема доволно јаглен, а и оној кој го има, според податоците на ЕСМ, е со многу ниска калорична вредност споредено со калоричната вредност на јагленот кој се копал пред 10 години. Работата на трите блока ќе зависи најпрво од тоа дали ќе се обезбеди увоз на јаглен и со која калорична вредност. Трите блока заедно со полна работна снага немаат работено одамна така што ова ќе биде вистински предизвик за ЕСМ. Дополнително, работењето на двата блока на ТЕЦ Неготино е неизвесно и ова претставува предизвик. Затоа од клучно значење за електроенергетскиот систем оваа зима е работењето на ТЕ-ТО Скопје, што се покажа клучно и во 2021 година. Ќе нагласам повторно дека оваа зима ќе биде вистински предизвик за одговорните луѓе во енергетските компании.
Економскиот совет на Владата е местото каде деновиве се разгледуваат сите опции за полесно да се помине престојната зима. Бизнис заедницата бара поевтина струја од берзанската и вклучување на ТЕ-ТО во целиот процес. Кои се опциите што ни стојат на располагање за да обезбедиме поевтина електрична енергија за стопанството и непречена испорака на струја до граѓаните?
-Прво неизвесно е што ќе се случува и на берзата на електрична енергија. Европските лидери најавуваат ограничување на цените или изоставување на природниот гас од формирањето на цените на берзите. Видете, формирањето на цената на пазарот на електрична енергија е комплицирано и ретко кој од обичните граѓани може да го разбере. Ќе се обидам накратко само да кажам дека цената на пазарот на електрична енергија се одредува врз основа на технологијата која нуди највисока цена, што е спротивно од сите пазари кои ги знаеме.
Имено, ако на пазарот има потреба да се обезбедат 100 гигават часови, a се нудат три електрани кои произведуваа електрична енергија – на пример соларни електрани кои произведуваат 20 гигават часови по цена од 20 евра за мегават час, електрани на јаглен кои произведуваат 70 гигават часови по цена од 70 евра за мегават час и електрани на природен гас кои произведуваат 10 гигават часови по цена од 200 евра за мегават час, цената на сите 100 гигават часови нема да биде просек од цените на секоја технологија, туку ќе биде 200 евра за мегават час. Токму ова е и причината за зголемување на цените на пазарот на електрична енергија. Ако се изостават електраните на природниот гас цената од 200 евра за мегават час ќе се намали на 83 евра за мегават час. Така што ако ова се случи цените за стопанството драстично ќе се намалат.
Другата опција како што реков и во претходното прашање е да работи ТЕ-ТО и ТЕЦ Неготино кои ќе испорачуваат енергија за комапниите. Но, мора да биде јасно дека ова нема да е лесен процес. Секоја компанија која има излезено на слободен пазар има свој снабдувач со електрична енергија со кој има потпишано договор, па треба да се види како ќе се решат и овие договори. Домаќинствата и јавниот сектор мора максимално рационално да ја користат енергијата и на тој начин да се остварат одредени заштеди кои ЕСМ ќе може да ги насочи кон индустријата. Мора да се засили и максимално поедностави поставувањето на фотоволтаици на покрив, кое ќе има одреден придонес кон ублажување на ценовниот шок.
Владата води преговори со Србија за да обезбеди природен гас за работата на ТЕ-ТО, а во замена на Србија да и даде дел од произведената електрична енергија. Дали е можно тоа да се реализира и од каде би доаѓал гасот до електраната, бидејќи немаме гасен интерконектор со Србија?
-Тоа би било одлична можност зашто веќе кажав дека клучно за нашиот електроенергетски систем ќе биде зимава да работи ТЕ-ТО. Нема никаков проблем гасот да дојде до ТЕ-ТО доколку успеат преговорите, бидејќи и Србија се снабдува со природен гас од Газпром. Единствено Газпром ќе треба делот од гасот што ќе биде наменет за работење на ТЕ-ТО наместо до Србија да го дистрибуира кај нас преку гасниот интерконектор со Бугарија, кој руската комапнија го има закупено до 2030 година. Интерс за тоа има и Србија која има недостаток на електрична енергија што треба да ја обезбеди од увоз.
Она од што стравуваат граѓаните се рестрикциите на струја. Можно ли е вакво сценарио?
Искрено не верувам дека за домаќинствата ќе има рестрикции. Ако се види кои се потребите на универзалниот снабдувач во последните неколку години и колку енергија произведува ЕСМ ќе се види дека има доволно енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Но, овде има еден проблем, а тоа е што има најави кај универзалниот снабдувач да се вратат одредени потрошувачи кои ќе ги зголемат потребите на универзалниот снабдувач, а тоа значи дека ЕСМ ќе мора да произведува повеќе од она што има произведено во последните три години. Затоа ќе повторам уште еднаш, тоа ќе биде вистински предизвик.
Академската заедница изработува стратегии за развој на енергетиката кои ги презентира пред јавноста, но колку тие се спроведуваат во пракса и дали како академска заедница можевте да ја предвидите енергетската криза?
-Да, МАНУ ја изработи Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година која се базира на пет столбови од кои еден е сигурност во снабдувањето. Како индикатор во овој столб ние ја ставивме увозната зависност. Увозната зависност е драстично зголемена во последните 15 години и тоа за речиси 20 проценти поени, односно во 2021 година зависност е над 65 отсто. Значи 65 проценти од потребната енергија ја увезуваме и тоа е загрижувачки. Затоа со Стратегијата се предвидуваат големи инвестиции, пред се во соларни и ветерни електрани, со што увозната зависност би се намалила на 55 отсто, со тенденција за дополнително намалување.
Никој не можеше да предвиди дека цената на електричната енергија толку ќе се зголеми, но она што го предвидува Стратегијата и што во неколку наврати го потенциравме е дека цената на пазарите на електрична енергија по 2020 година ќе оди над 100 евра за мегават час, нешто што беше незамисливо кога се правеше стратегијата, затоа што цената во периодот 2010-2020 се движеше од 30-55 евра за мегават час. Стратегијата е за развој на Македонија, но беше анализирано, и тоа со научни алатки, што ќе се случува во ЕУ, особено со јаглеродниот данок кој моментално исто така значително учествува во цената на електрична енергија. Стратегијата е за период од 20 години и во првите години не беше предвидено да се реализираат некои големи проекти, туку да се подготвуваат проекти за од 2023-2024 година да се започне со реализирање. Она што е напишано во Стратегијата во голем дел се реализира, но се уште е рано да се носат заклучоци. Засега се оди во добра насока.
Со војната во Украина, под знак прашалник се стави користењето на природниот гас. Засега, руски Газпром ја нема прекинато испораката на гас кон земјава, но доколку тоа се случи ќе бидеме приморани да користиме мазут или нафта. Што би значело тоа за животната средина?
-Одговорот е едноставен, да ќе мора да бараме други алтернативни горива, но прашањето е дали и тие ќе бидат достапни затоа што ако прекине испораката на природен гас нема да се прекине само за нас, туку за голем број на држави и сите ќе бараат алтернативни горива. Мора да бидеме мудри, затоа што природниот гас е енергенсот кој моментално ги прави најголемите проблеми. Прекинувањето на неговата испорака ќе значи пораст на цените на другите енергенси, се е поврзано. А, за животната средина, мислам дека нема потреба да елаборирам само ќе кажам, да, ќе има огромно негативно влијание врз животната средина, но ако тоа е само за оваа година, тогаш граѓаните не треба да стравуваат.
Според Вас, кој енергенс е најпрепорачлив за претстојната сезона под претпоставка да се прекине испораката на природен гас во земјава?
-Па немаме некои опции, опциите се бројат на една рака, а за нив споменав и во претходното прашање. Нафта, мазут и јаглен. Друго не гледам како алтернатива.
Земјите од Западен Балкан побараа учество во енергетската платформа на Европската Унија. Дали се реални ваквите очекувања?
-Не би можел да одговорам, затоа што не сум дел од разговорите, но во моментот наше е, а и на сите земји во регионот, да побараме и да разговараме со сите. Решенијата треба да се носат заеднички.
Европските држави донесоа мерки за штедење на електрична енергија. Во дел од нив се препорачува кратко туширање, гасење светилки, исклучување на уредите на струја. И кај нас, Владата донесе мерки за штедење на електрична енергија на институциите, но и препораки до граѓаните. Што би можеле да подобриме за поголеми заштеди, има ли свесност кај граѓаните за следење на препораките?
-Долг е списокот на мерки кои може да се преземат од страна на граѓаните, но мислам дека треба да се биде сериозен и да се излезе со три-четири препораки за да не ги збунуваме дополнително затоа што и онака се збунети. Не треба да излегуваме со препораки да се исклучуваат полначите за мобилни кога не се полнат телефоните затоа што зборуваме за минорни заштеди. Главно треба да се фокусираме на греењето и да се заменат панелките, греалките, па и термопечките со инвертер клима уреди. И покрај тоа што цената на електричната енергија е зголемена нема поевтино загревање на домовите од инвертер клима уреди. Сметам дека и треба да се засилат субвенциите за инвертер клима уреди.
Загревањето на топла вода е втората препорака за која што сакам да зборувам. Користењето на малите бојлерчиња кои се користат во кујните да се сведе на минимум или да се исклучат, ако има можност за тоа. Големите бојлери да се полнат само на евтина струја и тоа не мора да се вклучуваат од 10 навечер до 7 наутро, туку само два часа. Тоа може да се направи со тајмери кои сега се продаваат по цена од 200-300 денари. Фрижидерите за длабоко замрзнување да се исклучат. Ова носи заштеди од 500 до 1000 денари во сметките. Осветлување, да се заменат сијалиците со лед сијалици кои сега ги има и по цена од 50 денари.
Ситуацијата во која сега живееме ни покажа дека инвестирањето во енергетски капацитети како ТЕ-ТО е повеќе од потребно. Како експерт од оваа област, што треба да преземеме на долгорочен план за да имаме стабилно производство на електрична енергија?
-Ние не сме држава богата со ресурси. Мораме да ја искористиме енергетската ефикасност максимално, тоа ни е единствениот ресурс кој го има во секој град во секое село. Да се интензивира инвестирањето во обновливите извори на енергија пред се соларни и ветерни електрани и да се реализира Чебрен. Овде може да зборуваме и за хидроген и електрични возила, но да го оставиме тоа за друга прилика.
Валентин Јанковски
фото: Дарко Попов